Во Ирак се гласаше без сериозни инциденти

Предвремени парламентарни избори во Ирак/ Фото: EPA-EFE/AHMED JALIL

Централната изборна комисија во Ирак на својата веб -страница објави дека гласањето на денешните предвремени парламентарни избори заврши.

Според прелиминарните податоци, излезноста надмина една третина од населението во земјата, што се смета за позитивен чекор, рече претседателот на ЦИК, Џалил Аднан Халаф.

Повеќе од 70 отсто од гласачите имаа можност да користат специјални биометриски картички со цел да се избегнат фалсификати за време на гласањето.

Ирачкото министерство за внатрешни работи соопшти дека не се пријавени сериозни инциденти. Исклучок е случајот во источната провинција Дијала, каде што член на обезбедувањето во една изборна единица случајно пукал, при што загина војник, а друг беше ранет. 77 лица се приведени за различни прекршоци во текот на денот.

Денеска беа отворени повеќе од 55.000 избирачки места во 83 специјално формирани изборни единици.

Се очекува конечните резултати да бидат објавени во рок од 24 часа од крајот на изборниот ден. Сите безбедносни сили остануваат во состојба на готовност до објавување на резултатите.

Изборите беа следени од 1.200 меѓународни набљудувачи, кои исто така не пријавија никакви нерегуларности, и сите технички неисправности беа навремено отстранети.

Повеќе од 3.200 кандидати, вклучувајќи 951 жена, се кандидираа за 329-члениот парламент. 109 партии и 21 коалиција формирани врз основа на религија и етничка припадност се борат да влезат во законодавниот дом.

Видео на денот