Во Името на Господ: Зошто Персискиот Залив да не биде регион на спокој, економска соработка, мир и пријателство помеѓу народите?

Хосеин Карими, амбасадор на Исламска Република Иран – Скопје

Овие денови од регионот на Персискиот Залив се слушаат многу жешки вести. Денеска (петок) наутро стигна веста дека претседателот на САД издал наредба за воен напад против Иран, но во последен момент наредбата била повлечена. Објавено е дека до издавање ваква наредба е дојдено како реакција на соборувањето на беспилотното летало (MQ-4C Triton) над Ормускиот Теснец. Но, сè уште не се изнесени причините за повлекувањето на наредбата. Вчера (четврток) рано наутро Противвоздушната единица на Револуционерната гарда на Иран (Сепах Пасдаран) го собори горенаведеното беспилотно летало. Иран ги отфрли претензиите на Америка во врска со локацијата на инцидентот и со објавување снимки и информации поврзани со настанот, објави дека беспилотното американско летало вршело воена шпионажа на територијата на Исламска Република Иран.

Врз таа основа, соборувањето на споменатото летало бил одбранбен чин и во согласност со Повелбата на Обединетите нации и другите меѓународни правила. Соборувањето на беспилотното летало „Тритон“ ги потресе Белата куќа и американскиот Конгрес, кои веќе имаат започнато тесни консултации за разгледување на ситуацијата. Од една страна, воените способности на „Сепах Пасдаран“ и соборувањето на супермодерното воено беспилотно летало и тоа во огромна висина, сериозно го привлекло вниманието на военото раководство и на експертите.

Од друга страна, ситуацијата во Иран изгледа посмирена и политичките и воените власти на земјата со потполна контрола и смиреност ја менаџираат состојбата. Мохаммад Џевад Зариф, министер за надворешни работи на Иран, ја осуди извршената агресија кон Иран и изјави дека Исламска Република Иран во никаков случај не сака војна, но со сите сили ќе го брани својот територијален интегритет и национален суверенитет. Тој додаде дека Иран има намера случајот со агресијата на беспилотното летало да го прати во ОН и со претставување на потребните докази да го потврди овој чин на агресија.

Од друга страна, постојаниот претставник на Иран во ОН преку писмо испратено до Генералниот секретар и претседателот на Советот за безбедност на  ОН ги предочи географските спецификации на локацијата каде било соборено леталото и објави дека пред инцидентот леталото се наоѓало во воздушната територија на Иран во позиција на „целосна скриеност“ (камуфлажа) не одговарајќи на радио-предупредувањата. Тој истакна дека соборувањето на беспилотното летало од страна на Иран е во согласност со Членот 51 од Повелбата на Обединетите нации. Нарушувањето на воздушниот простор на Иран го нарече како „уште еден противзаконски и опасен чин на Вашингтон“.

И пред овој инцидент, во изминатите денови се случија и други вознемирувачки настани во регионот на Персискиот Залив, каде што неколку танкери со нафта беа мета на сомнителни напади. Американската влада се обиде да го обвини Иран претендирајќи дека извршените анализи покажуваат дека Иран се крие зад овие инциденти. Но, Исламската Република Иран чепна во осетлива точка и одговори дека самиот факт што овие анализи се направени во краток неколкучасовен период по инцидентот, сами по себе потврдуваат дека тие се некредибилни. Ние веруваме дека ваквите крајно сомнителни инциденти имаат намера да го вовлечат Иран и целиот регион во војна, од која најмногу штета ќе претрпат земјите од регионот.

Иранските политички и воени функционери, испраќањето на носачот на авиони „Абрахам Линколн“ и авионите од типот „Б-52“, кои имаат потенцијал за пренесување и лансирање ракети со боеви (нуклеарни) глави го објаснуваат како голем чин на провокација. Прекршувањето на ветеното, напуштањето на нуклеарниот договор, поставувањето на огромни економски санкции и додавањето на „Сепах Пасдаран“ (Револуционерната гарда) на една посебна листа е сурово и нечовечко.

Во услови кога Исламската Република Иран во целост го почитувала нуклеарниот договор, што беше потврдено и во 15 официјални извештаи на Меѓународната организација за атомска енергија, зошто се случуваат овие напади, агресија, притисоци и закани, кои можат да претставуваат закана за стабилноста на Персискиот Залив? Зошто Персискиот Залив да не биде регион на спокој, економска соработка, мир и пријателство помеѓу народите?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот