Во Идлиб собир по повод 10-годишнината од почетокот на бунтот во Сирија
Илјадници луѓе денеска се собраа во Идлиб, последниот регион во Сирија кој е под контрола на бунтовнички и џихадистички групи, за да ја одбележат десетгодишнината од востанието против претседателот Башар ал-Асад, кое подоцна се претвори во општа војна.
Во војната во Сирија, која денеска влегува во 11-та година, загинаа над 388.000 луѓе, а повеќе од 12 милиони луѓе се раселени и ја напуштија земјата, според податоци на ОН. Конфликтот предизвика масовно уништување и ја доведе до колапс сириската економија.
Демонстрантите извикуваа слогани од народното востание што започна на 15 март 2011 година, меѓу кои и „Слобода, слобода … Сирија сака слобода”, „Долу Башар” и „Луѓето сакаат пад на режимот”.
Некои носеа портрети на жртвите од конфликтот, како и знамето на „револуцијата” од протестот пред 10 години.
Собири се одржаа и на други места, главно под контрола на турските сили во Сирија.