Во Хрватска нема веќе гранични контроли на летови на авиони во рамките на Шенген

На хрватските аеродроми од денеска нема граничните контроли за патници на летови во рамки на Шенген зоната.
Хрватското Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска девет меѓународни аеродроми во Хрватска започнале со целосна имплементација на шенгенските правила. Тоа се аеродромите во Загреб, Дубровник, Сплит, Задар, Пула, Риека, Осиек, Мали Лошињ и Брач.
МВР уште додава дека од вкупниот број на патници во авиопревозот, во просек 70 отсто ќе бидат патници во Шенген зоната, а 30 отсто надвор од таа зона. Исклучок е аеродромот во Дубровник, каде што бројот на двете групи патници е еднаков. Според хрватското МВР, на аеродромите ќе се спроведат сите транзициски планови и ќе се направат сите неопходни инфраструктурни корекции за да се дефинира протокот на патници, односно раздвојување на шенгенските и нешенгенските летови.
На 1 јануари Хрватска стана членка на Шенген, со што ги укина контролите на внатрешните копнени и поморски граници.
Примената на шенгенските правила на аеродромите од технички причини беше најавена за денеска, 26 март, со почетокот на летниот распоред на летови.