Во Хонг Конг украдени марки и калиграфија вредни 435 милиони евра
Меѓу украдените предмети е и калиграфијата на Мао Це Тунг и пет стари многу вредни марки.
Крадец во Хонг Конг среде бел ден успеал да украде колекција марки и калиграфија, чијашто вредност се проценува на 435 милиони евра, пренесуваат денеска полициски извори.
Крадецот успеал да влезе во станот на колекционерот Фу Чунсијао, во зграда на 16 ката, во многу живиот кварт Ковлун, каде за два часа ја извршил кражбата, изјави полициски извор за Франс Прес.
Весникот Саут Чајна Морнинг Пост објави дека вкупната вредност на пленот е четири милијарди хонгконшки долари, односно 435 милиони евра.
Меѓу украдените предмети е и калиграфијата на Мао Це Тунг и пет стари многу вредни марки.
Членот на филателистичкото друштво во Хонг Конг, Фу бил на пат за време на кражбата што се случила на 10 септември, изјави полициски извор.
Вредноста на украдените предмети е утврдена откако ќерката на Фу се вратила во Хонг Конг да им помогне на истражителите.
Украдените предмети биле во заклучена фиока во станот, наведува весникот.