Во Грција не поминуваат ковид-пропусниците од Македонија

ковид потврда сертификат
Ковид сертификат / Фото: EPA-EFE/JESSICA PASQUALON

Македонски граѓани во изминатиот викенд имале проблем во Солун со нивниот вакцинален сертификат, кој не бил препознаен од читачите во рестораните и кафулињата, како и во продавници за облека.

– Сертификатот ми беше испечатен, но апаратчето во ресторанот не го препозна кју-ар кодот. Келнерката прво ни рече дека не може да седнеме, но по некое време се предомисли. Истото ни се случи и во три бутици каде што не можевме да влеземе зашто читачите не ги препознаваа кодовите. Отпосле дознав дека читачите не ги препознаваат нашите вакцинални сертификати на мобилните телефони и мора да го симнеме дигиталниот европски ковид-сертификат – вели скопјанката Антонија Поповска.

Слични проблеми имала и македонска студентка.

– Ќерка ми студира на универзитет во Солун и мораше да се вакцинира со „Фајзер“ за да може да присуствува на настава со физичко присуство. Иако Грција ги прифаќа и кинеските и руската вакцина за влез, сепак универзитетот не ги прифаќа и си има интерни правила – вели за „Слободен печат“ Катерина Димишковска, чија ќерка е студентка на факултет во Грција.

Таа забележала и дека на малолетните, за кои не бил задолжителен ПЦР-тест за да ја преминат македонско-грчката граница, пред влезот на некои бутици, продавници и ресторани им барале брз антигенски тест.

Државјани на трети земји, иако имале валиден сертификат не можеле да влезат во јавни објекти во Грција затоа што грчката апликација за проверка не ги препознавала овие сертификати, јави дописничката на МИА од Атина. Во текот на изминатиот викенд со ваков проблем се соочиле туристи од Македонија, Србија, Сингапур, САД и други земји што не се членки на ЕУ. Ова не значи дека сертификатите не се валидни или не се признати или прифатени во Грција. Поради тоа, проверката ќе се врши рачно, а не преку апликацијата.

Портпаролот на грчката влада објасни дека независно од тоа што апликацијата не ги препознава, сертификатите се валидни и со нив се овозможува влез онаму каде што е неопходен сертификатот. Апликацијата „Covid free GR” во земјата се користи за скенирање на сертификатите и потврдите се однесува само на грчки граѓани и на државјани на земјите членки на ЕУ, односно на оние кои имаат европски сертификат.

Во секој случај, сè повеќе европски земји признаваат само вакцини кои се авторизирани од Европската агенција за лекови (ЕМА), а кинеските и руската вакцина се изземени од оваа група. Поради ова, патувањето кон некои европски дестинации за македонските граѓани вакцинирани со „Синофарм“, „Спутник“ и „Синовак“ ќе биде сè понеизвесно.

Од Министерството за здравство велат дека секоја држава има своја политика кои вакцинални сертификати ќе ги прифати. Најсигурно на граѓаните им е да патуваат ако примиле вакцина на „Фајзер“ или „Астра-Зенека“, зашто овие вакцини се секаде признаени. Но во земјава вакцината на „Астра-Зенека“ се аплицираше само на повозрасните од 60 години, ако се изземат лицата кои се вакцинираа во Србија.

Според статистиката на Институтот за јавно здравје, до 24 октомври, две дози „Синовак“ примиле 238.574 македонски граѓани, втора доза „Синофарм“ примиле 150.009 граѓани, а со две дози „Спутник“ имунизирани се 22.648 граѓани.

Министерството за надворешни работи секојдневно ги ажурира податоците за тоа каков вакцинален сертификат им е потребен на македонските државјани за влез во некоја европска земја. Од оваа листа, евидентно е дека не сите држави во ЕУ прифаќаат вакцинален сертификат за вакцинираните со „Синофарм“, „Синовак“ и „Спутник В“.

Сите македонски патници кои се вакцинирани со „Фајзер“ и „Астра-Зенека“ може да влезат во Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.

Уште е нејасно како ќе се водат вакцинираните граѓани кај кои првите две дози биле од руската или кинеските вакцини, а третата, односно бустер доза била некоја од тие што ги одобрила ЕМА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот