Во Гостивар во септември ќе се отвори нов Центар за деца со аутизам

Со заокружување на формалностите, во Гостивар отпочнаа работите за преуредување на некогашниот приватен колеџ во регионален Центар за аутизам. Новата установа која ќе ги пружа сите услуги потребни на аутистичните деца и родителите на едно место, е дел од соработката на општината, невладиниот сектор и државата.

Во обиколка и да се запознае со текот на работите денеска беше и првиот човек на општината, кој во оваа прилика уште еднаш ги повтори заложбите на локалната власт да се поддржат маргинализираните групи во општеството.

– Задоволен сум со текот на работите и ангажманот. Ова всушност беше и едно од предизборните ветувања во 2017 година и се надевам дека крајот на септември центарот ќе биде отворен, рече Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар.

Тој појасни дека покрај Центарот за аутизам, во истиот објект ќе има и Центар за деца со посебни потреби, кои ќе користат заеднички простории и кујна.

Просторот и дел средствата за преуредување ги обезбеди гостиварската општина, а дел се очекува да го обезбеди бизнис заедницата.

Иницијаторите за отворање на Центарот за аутизам веруваат дека центарот во целост ќе го оправда постоењето и ќе биде од корист на децата и нивните родители.

– Во работата на Центарот ќе биде вклучена и стручна Комисија за процена на децата, што ќе биде од голема помош за семејствата. Па така, родителите нема се изложуваат на дополнителни трошоци за да патуваат во Скопје и по неколку пати во неделата. Во Центарот, секое ќе добива услуги од терапевтски аспект на едно место, вели Ваљон Емини претседател на здружението на родители со аутистични деца од Гостивар „Блу Пазл”.

Емини нагласи дека по реконструкцијата Центарот ќе има површина од над 400 м2, со осум кабинети за индивидуални третмани, четири за групни третмани, како и еден за специјални третмани. За целосна реализација на целиот зафат со преуредувањето потребни близу сто илјади евра, а преку донации досега се обезбедени дваесет проценти.

Центарот за аутизам ќе вработува над дваесет лица пред сè дефектолози, психолози и социолози. Програмите ќе се спроведуваат на три јазици: албански, турски и македонски. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот