Во ГОБ „8 Септември” 130 пациенти со ковид успеале да преживеат на респиратор

ГОБ „8 Септември“, Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Околу 130 пациенти заразени со ковид-19 кои биле со екстремно тешка клиничка слика и со сатурација под 60 отсто кислород во крвта, се тргнати од респиратор живи во Градската болница „8 Септември”, тврди за „Слободен печат“ директорот на болницата, доктор Христијан Костов. Методата пациентот да биде поставен на респиратор е последната надеж за пациентот, но се покажала како успешна во 130 случаи и пациентите биле спасени.

-Според статистиките со кои располагаме, за 18 месеци се хоспитализирани околу 4 илјади пациенти заразени од опасниот коронавирус. Од почетокот на ковид пандемијата во болницата се извршени 20 илјади прегледи само во трите амбуланти на одделот за инфективни болести, додека уште 10 илјади прегледи се направени во тријажниот центар за ковид пацинети, што значи се доаѓа до бројка од вкупно 30 илјади прегледи на сомнителни и заразени од смртоносниот вирус за само 18 месеци, вели доктор Костов.

Статистиките со кои располага болницата уште покажуваат дека само во старата Воена болница се направени 15 илјади биохемиски анализи на ковид пациенти и 16 илјади крвни анализи на Трансфузиологија. Исто така, за целиот овој период додека болницата е ковид центар, се направени и 600 коронографии, вградени се 320 стентови, 140 инфаркти биле третирани од кои 30 срцеви удари на пацинети заразени со ковид 19.

-Ние како институција располагаме со неверојатен капацитет, најсовремена апаратура и целосно подготвен, вистински професионален технички и медицински кадар. Тоа е врвно обучен кадар кој макотрпно и пожртвувано се бореше и уште се бори за секој човечки живот во целиот овој период од 14 месеци. Овде во болницата за кратко време може да се направи комплетен дијагностички и терапевтски третман, било да е хируршки или интернистички и тоа во чекор со најсовремените медицински достигнувања, а тоа е суштината на успешноста, вели доктор Костов за Слободен печат.

 

Видео на денот