Во германската Влада нема дилеми околу ЕУ перспективите на Северна Македонија

Во Берлин веќе нема дилеми околу напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. Се поизвесно е дека Албанија, поради политичката криза, ќе отпадне од пакетот, пишува германската новинска агенција ДПА.

Како што објави денеска Дојче веле на македонски јазик, и покрај критиките од конзервативната ЦДУ, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и натаму се залага за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Притоа тој наведува дека одлука на таа тема нема да биде донесена на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ следната недела.

– Сакаме да бидат отворени пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, изјави политичарот од редовите на германските социјалдемократи во четвртокот.

Со оглед на отпорот на Франција кон таквиот чекор, Мас вели дека може и подоцна да се одлучи кога ќе се отвори можност да се убедат и скептичните држави.

Заменик-шефот на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот, Јохан Вадефул вели дека без оглед на ваквите ставови, Парламентот дури на крајот на септември ќе и даде зелено светло на Владата.
Тој искажува сомнеж дали Албанија, со оглед на внатрешно-политичките превирања, навистина е подготвена за почеток на преговори. Мас, пак, посочува на позитивното мислење на Европската комисија.

Холандскиот Парламент во средата се изјасни за почеток на преговори со Северна Македонија, но не и со Албанија. Конечната одлука, ЕУ ќе ја донесе во октомври.

Канцеларката Ангела Меркел во четвртокот се сретна со премиерот Зоран Заев во Берлин. Позитивно изјаснување за оваа земја во германската влада е неспорно, затоа што Владата во Скопје го реши деценискиот спор со Грција и прифати промена на државното име, пишува агенцијата ДПА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот