Во Франција се прават проверки пред назначувањето на министерските функции

Од 2017 година, шефот на француската држава може да го искористи ова тело уште пред официјално формирање на владата, со цел однапред да ја провери состојбата на идните министри.

Назначувањето на нови личности во рамките на владата на  Жан Кастекс е придружено со круцијалната фаза на проверка на имотот и приходите на сите претенденти за министерските функции, кои мора да дадат две изјави до Високиот орган за транспарентност за јавен живот, на почетокот и на крајот на нивната функција, јави дописникот на МИА.

Додека претседателот Емануел Макрон и премиерот Жан Кастекс го подготвуваат составот на новата влада, чесноста на идните министри се чешла истовремено од Елисејската палата и Матињон (седиштето на премиерот). Целта е да се избегне ризикот од скандал што може да ја дестабилизира извршната власт.

Во согласност со законите од 2013 година за „транспарентност во јавниот живот” и од 2017 година за „доверба во јавниот живот”, новите членови на владата имаат обврска – што е и предмет на кривични санкции – да испратат, во рок од два месеца по нивното назначување, изјава за финансиска состојба, како и изјава за интереси до Високиот орган за транспарентност на јавниот живот (ХАТВП). Овие изјави потоа стануваат достапни за јавноста.

Од 2017 година, шефот на француската држава може да го искористи ова тело уште пред официјално формирање на владата, со цел однапред да ја провери состојбата на идните министри. Ако задачата изгледа едноставна во однос на Жан Кастекс, кој ги дал своите изјави во 2014 година за претседател на заедниците на општините, и во 2020 година како меѓуминистерски делегат, назначувањето на нови личности, особено од приватниот сектор, може да се покаже многу потешко за проверка, што некогаш води и до одложување на формирањето на влада.

Прво кандидатите за министер ќе треба да достават изјава за имот, да го регистрираат имотот што го поседуваат или го споделуваат, како и оној на нивните сопружници и партнери. Потоа, тие ќе треба да достават изјава за интереси, што се однесува на она што го работеа во претходните пет години. И на крај кандидатите ќе бидат предмет на даночна проверка, главно за да откријат дали се во тек со плаќање на нивните даноци – ова како последица од епизодата со Томас Тевену, краткотрајниот државен секретар на Франсоа Оланд кој беше принуден да поднесе оставка по неколку дена, во 2014 година, затоа што тој не ги плаќаше своите даноци подолго време.

Минатиот декември високиот комесар за реформа на пензискиот систем Жан-Пол Делавој беше принуден да си поднесе оставка откако не пријави неколку мандати на Високиот орган. Во истиот период, министерката за труд, Муриел Пенико, беше посочена од Високиот орган за нејзиното учество во бордот на директори на Форумот Давос, од кој мораше да се повлече.

Многу повеќе во Франција се зборува за обврските при влегување во владата, а многу помалку со оние кои заминуваат, кога ќе завршат нивните функции. Сепак и за нив постои операција за набљудување за да се  открие дали се збогатиле за време на нивното министерство и дали се збогатиле неправилно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот