Во Фондот за ПИОМ „лежат“ 2,3 милиони евра, не се знае за чии пензии се

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Дури 35.111 уплати кои пристигнале годиниве наназад во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, не се распределени. Нивниот вкупен износ е 2,3 милиони евра и тоа се пари кои треба да одат кај пензионерите, но не се знае за чии пензии се. Од вкупните нераспределени уплати, 9.451 уплати во износ од 1,6 милиони евра, се од периодот пред 2008 година, односно пред воведувањето на системот за интегрирана наплата на придонеси, пишува во ивештајот на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите утврдиле дека „при уплатите на придонесите на сметката на Фондот, континуирано се јавуваат голем број неконзистентни (неалоцирани и неидентификувани) износи на уплатен придонес, кои не се распоредуваат автоматски поради одредени несовпаѓања“.

Според направената анализа за нераспределените средства е констатирано дека неалоцирани уплати најчесто настануваат при уплата на придонес за работа со скратено работно време и времено ангажирани лица, за кои Фондот нема добиено соодветни пријави/одјави за вработување и регистрација на обврзник. Но, нераспределените уплати се должат и на поднесени месечни пресметки за плата со неточни податоци или со променети матични односно даночни броеви.

„За разрешување на дел од неидентификуваните уплати, Фондот континуирано носи решенија за поврат на средства за погрешно уплатените износи, изготвени од Одделението за наплата на придонес врз основа на поднесено барање, но наплатата е со мал ефект и во електронскиот систем редовно се генерира Извештај за неконзистентни уплати, кои поединечно треба да се решат и распределат по осигуреници од страна на вработените во подрачните единици на Фондот. Поради неможноста навремено да се обезбедат потребните податоци за разрешување, дел од неконзистентните уплати кои се останати нераспределени потекнуваат уште од почетокот на воведување електронската наплата на придонесите, т.е. од 2006 година“, забележаа ревизорите.

Видео на денот