Во февруари раст на кредитирањето, поголемо кај корпоративниот сектор

Вкупните депозити во февруари остварија месечно и годишно зголемување од 1,1 отсто, односно 10,3 отсто, при раст на депозитите кај двата сектора, поизразен кај секторот домаќинства,  објави Народната банка.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во февруари 2019 година, имаат раст од 0,8 отсто на месечна основа, главно под влијание на депозитните пари и на депозитите во странска валута и долгорочните денарски депозити, во услови на евидентиран пад кај краткорочните депозити во денари.

Стапката на годишен раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 9,5 отсто и во најголем дел, како што се наведува, се објаснува со зголемувањето на депозитните пари и на краткорочните депозити во странска валута и во денари.

Во февруари, вкупните депозити на домаќинствата се зголемија за 0,8 отсто на месечно ниво, во најголем дел под влијание на растот на депозитните пари (79,9 отсто). Годишниот раст изнесува 8,8 отсто и во поголем дел произлегува од зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, во услови на раст, но поумерен, и на долгорочните депозити во денари и во странска валута.

По вообичаеното намалување во јануари, вкупните кредити бележат месечен раст, што главно произлегува од зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор.

-По месечното намалување во јануари, вкупните кредити во февруари се зголемени за 0,6 отсто, што главно произлегува од зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор со учество во вкупниот кредитен раст од 77,2 отсто. Споредено на годишно ниво, растот на кредитите од 8,2 отсто се должи на зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства” и на корпоративниот сектор, со поголем придонес на секторот „домаќинства” со учество од 56,5 отсто.

Кај вкупните кредити на домаќинствата, во февруари, е забележан раст од 0,3 отсто на месечна основа, што во целост се објаснува со зголемените кредити во денари. Гледано на годишна основа, вкупните кредити на домаќинствата остварија раст од 9,6 отсто. Годишниот раст во најголем дел се должи на денарските кредити со учество од 70,7 отсто.

Во февруари,  според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапената категорија ‒потрошувачките кредити, месечната стапка на раст изнесува 1,0 отсто, а на годишна основа оваа категорија бележи раст од 11 отсто.

Забавен раст е забележан кај станбените кредити со остварена месечна и годишна стапка на раст од 0,3 отсто, односно 13,6 отсто, додека кај автомобилските кредити е евидентирана надолна месечна и годишна промена од 0,9 отсто и 1,1 отсто, соодветно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот