Во фабрика за медицински канабис во Крушево пронајдени стебла без дозвола

На предлог на Министерството за здравство, Владата донесе Одлука за одземање на лиценцата за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „5 летерс“, по извршената контрола во нивниот производствен погон во с. Алданци, Крушево.

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања за одземената лиценца, објасни дека станува збор за стебла на канабис кои биле најдени во фабриката, а за кои немало дозвола.

– Во Крушево, на терен беа претставници од Министерството за здравство, од Министерството за внатрешни работи и од самата комисија која го доделува лиценците, но и по чија препорака, Владата ги одзема. Од она што го прочитав од одлуката, имаме дел на производствто на медицински канабис без дозвола, но она што е екстракција на медицинскиот канабис, односно екстрахираното масло е законито, тоа е на залиха и е во сопственост на компанијата. Значи, без дозвола се пронајдени стебла на канабис. Секако, компаниите секогаш можат да ги обноват лиценците ако се придржуваат на законските прописи. Вакви контроли инаку се прават насекаде низ државата затоа што имаме строго лиценциран процес- објасни Заев.

Тој рече дека „Фајв летерс“  е еден од поголемите инвеститори во медицинскиот канабис и изрази жалење што се случило да во компанијата има стебла на канабис без дозвола.

– Досега има издадено 61 лиценца за медицински канабис, 10 се во постапка на лиценцирање, а 10-тина погони се во фаза на градење. Ова е сериозен потенцијал на државата, но ќе има редовни контроли и може да се случи и одземање на лиценца – рече Заев.

Тој уште еднаш изрази жалење за тоа што законската регулатива за медицинскиот канабис која би отворила поголеми можности, меѓу кои и извоз на цветот од канабис, е заглавена во Собранието речиси една ипол година. Според него, ефектите од овој закон би биле 250 милиони евра новосоздаден бруто домашен производ, односно 2,2 проценти од сегашниот БДП. Очекувањата се и создавање на илјадници нови работни со високи плати од над 700 евра. 

Инаку, официјалното соопштение од Владата за одземањето на лиценцата на „5 летерс“ не содржеше никакви конкретни детали.

Оваа одлука е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за оценување на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели. Таа на 21.12.2020 година и на 12.01.2021 година изврши контрола над работата на Друштвото за производство, трговија и услуги 5 ЛЕТЕРС ДОО Скопје во објектот лоциран во с. Алданци, Крушево, при што е констатирано дека условите во однос на просторот, опремата и кадарот не ги задоволуваат одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во делот на кадарот со што е постапено спротивно на член законските одредби за оваа дејност“, соопшти Влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот