Во Европа има сѐ помалку работа за странци: Ни се заканува раст на невработеноста и пониски плати

Фото: Архива

Во европските земји, каде што многу Македонци пронајдоа своја егзистенција и каде што пред пандемијата имаше голем глад за работна сила што се увезуваше, состојбата веќе не е таква. Новата европска реалност катастрофално може да влијае и врз нашиот пазар на труд. Токму одливот на работници и на високообразован кадар, што сѐ помасовно се случуваше изминативе години, направи голем притисок за зголемување на платите во Македонија.

Само во Германија живеат 100.000 Македонци, а во последниве години, годишно се издавале по 10.000 работни визи и дозволи за престој. Дури се очекуваше оваа бројка и да се зголеми по 1 март, кога на сила стапија законските олеснувања за добивање работна дозвола. Но, деновиве Германија најави дека ќе даде само 15.000 работни визи за Балканот. Минатата година оваа држава имала дури 300.000 сезонски работници ангажирани од други земји.

Ситуацијата веќе не е „розова“ во ниту една од европските држави каде што на сезонска или на постојана работа одеа македонските печалбари. Иако во ЕУ сѐ уште има ниска стапка на невработеност, таа се зголемува. Според Евростат, во мај стапката на невработеност во ЕУ била 6,7 проценти, а во април изнесувала 6,6 проценти, или преведено во апсолутни бројки, ова значи дека во Унијата се зголемил бројот на невработени за 253.000 луѓе.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, вели дека состојбата во европските земји е реална закана за пад на платите и зголемување на невработеноста во Македонија.

– Многу наши граѓани работат во европските земји. Сега странската работна сила во тие земји е прва на удар доколку мора да има отпуштања. Мене ме плаши тоа дека македонскиот пазар не би имал капацитет да ги апсорбира тие луѓе, доколку се вратат дома. Станува збор за голема бројка луѓе што работат во странство и замислете одеднаш да се вратат 50.000 невработени и да бараат работа во Македонија – вели Миле Бошков.

Факт е и дека сега новите кадри многу тешко ќе може да заминат на работа во странство. Бошков вели дека и покрај овие нови услови, се надева на здржување на нивото на платите во Македонија.

– Ако се намалат платите, тоа ќе значи загубено време и енергија. Тоа ќе доведе до голем револт кај работниците, дел од нив нема да се сложат да работат за пониски плати, а тоа би значело дека треба да се донесе нов кадар што допрва треба да се обучува. На крај, состојбата со пандемијата ќе се надмине, европските земји пак ќе бараат работници и ние повторно би морале да ги зголемуваме платите, но тоа е враќање назад и вртење на работите во круг – вели Бошков.

Последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика се однесуваат на првиот квартал од 2020 година и е евидентирана невработеност од 16,2 проценти. Ланското прво тримесечје е со стапка на невработеност од 17,8 проценти. Последниот податок за просечна нето-плата се однесува на април и таа изнесува 25.830 денари, што е за 4,2 проценти повеќе од ланскиот априлски просек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот