Во ЕУ ќе се патува само од есенцијална потреба?

Возач на камион е дефицитарна професија / Фото: МИА

Камионџиите не треба да се тестираат на враќање во државава, инсистираат од Макам Транс. Компаниите кои се занимаваат со превоз на патници во странство, пак, се на штрек поради најавените чекори за враќање на патните ограничувања во ЕУ, кои ќе значат големи ограничувања при туристичките патувања на македонските граѓани

Домашните транспортери се во постојан контакт со министерот за транспорт и владините институции и се надеваат дека ќе бидат изземени од одлуката за задолжително тестирање за сите кои се враќаат во земјава од први септември. Билјана Муратовска од Макам Транс за „Слободен печат“ вели дека транспортот на стоките не смее да запре и дека сите европски земји се откажале од тестирање на возачите, бидејќи се покажало дека тие се затворени во кабините, немаат допир со други лица и не се преносители на заразата.

-Владата треба да ја смени одлуката за тестирање на транспортерите, бидејќи тоа ќе значи дека за да ја испочитуваат препораката и да влегуваат во земјава со негативен ПЦР тест направен пред 72 часа, возачите кои се враќаат од европските земји, ќе мора да се тестираат во Бугарија, Србија или Албанија, што значи нови трошоци за нив – вели Муратовска.

Од друга страна, компаниите кои се занимаваат со превоз на патници во странство, се на штрек што ќе донесе ревидирањето на одлуката на ЕУ за патување во тамошните земји. Најавените чекори за враќање на патните ограничувања се поради растот на новозаразени од ковид-19 за неколку држави, меѓу кои е и Македонија, објавуваат странски медиуми. За македонските граѓани, тоа ќе значи дека повторно ќе се соочуваат со големи ограничувања при туристички, односно т. н. неесенцијални патувања во ЕУ. Некои земји можат целосно тоа да го забранат, а некои можат да наложат обврзувачки карантин при пристигнувањето.

Таканаречената „листа на безбедни земји“ на која се најде и Македонија беше усвоена од ЕУ на 15 јули годинава и на неа имаше 23 држави.

-Таман почна нешто да се движи летово, сега повторно некои линии до европските градови ќе мора да се прекинат, поради најавените ограничувања. Драстично ќе се намалат патувањата во странство. Лани падот во меѓународниот патен сообраќај изнесуваше 95 проценти, бидејќи некои линии воопшто не се одржуваа, односно немаше патници – изјавија за 24 Вести од Здружението Транпорт Легис.

Видео на денот