27.8 C
Скопје

Во етно куќа „Серменински чардак“: Откако го отворивме чардакот, заживеа селотo!

За оние кои сакаат да избегаат за викенд од градот, особено во потоплите денови што се пред нас, еве едно супер местенце.

Етно куќата „Серменински чардак“ нуди одмор, релаксација, дегустација на храна, чист планински воздух, прошетки, планинарење и возење велосипед околу село Серменин и на Кожуф планина. Откако го отвориле чардакот, селото заживеало, се изградиле повеќе од 100 нови викендички. Браво за сопственичката Васка Јанева.

Од почетокот одевме само за викенд, а потоа секојдневно. Откако го отворивме чардакот заживеа селото, се изградија повеќе од 100 нови викендички, има и неколку постојани жители! /   Фото: Приватна архива

Какво минато има објектот, зошто токму оваа локација?

– Долго време размислувавме да изградиме викендичка на планината Кожуф, и конечно пред осум години, при посетата на село Серменин, кога ја видовме таа недопрена убавина, одлучивме. Од ова село потекнуваат мојот свекор и мојата прабаба. Селото беше напуштено, куќите пропаѓаа, имаше неколку нови викендички, патот не беше асфалтиран. Но откако почнавме да градиме, патот го асфалтираа. Првата замисла беше да биде мала викендичка, каде што ќе уживаме со нашето семејство. Бидејќи заедно со сопругот работевме во казино, бевме контролори на жива игра, нашите професии беа многу стресни со повеќе прекувремена работа, ни требаше некое место каде што би можеле да се одмориме, релаксираме и уживаме заедно со нашите деца, да се храниме здраво, да дишиме чист воздух и да пиеме изворска вода. И така го најдовме нашиот мир и спокој. Од почетокот одевме само за викенд, а потоа секојдневно. Откако го отворивме чардакот заживеа селото, се изградија повеќе од 100 нови викендички, има и неколку постојани жители. Доаѓаат многу странски гости – Срби, Грци, Турци, Руси, Романци, Холанѓани, кои преноќуваат кај нас. Од пред година и пол решивме заедно со нашите деца да се преселиме овде, поради пандемијата, тие следат онлајн настава, a јас и мојот сопруг работата од казино ја заменивме со угостителска – туристичка работа. Љубовта и домаќинлакот во готвењето го наследив од мојата баба и од мајка ми. Тие уште од мали нозе ме научија како се прават домашни сокови, слатко, ајвар, лутеница, баници, пити, баклава. Бидејќи моите родители беа земјоделци и сточари, кај нас секојдневно се готвеше свинско, јагнешко, јарешко, телешко, правевме сирење и урда, а јас уживав во готвењето. Сега имам шанса сето тоа знаење да го пренесам во мојот ресторан.

 Фото: Приватна архива

Што го прави „Серменински чардак“ посебен за да привлече гости?

– „Серменински чардак“ се наоѓа во село Серменин, на 500 метри надморска височина и претставува воздушна бања. Селото изобилува со многу историја уште за време на Римјаните, Отоманите и од поблиското минато. Уште од времето на Отоманската Империја, болните деца од Истанбул ги носеле на лекување во селото од бронхијални и астматични заболувања. Прекрасната природа и изобилието со планински извори и реката Белица ги мамат и ги крадат воздишките на нашите посетители. Во селото се наоѓа црквата „Св. Ѓорѓе“, изградена во средината на 19 век, легендата вели дека е изградена за четириесет и пет дена со божја помош од бигорот на реката Белица и денес сведочи колку месното население во најтешките моменти успеало да го надмудри турскиот валија. Над селото се наоѓа манастирот „Св. Илија“, кој потекнува уште од 10 век и на чии темели е изграден нов манастир. Над селото се наоѓа парагладјерската патека „Стајка“, а за сите љубители на планинарење обележани се планинарски патеки до Волчја Чешма, Висока Чешма, Штеји и Двете Уши.

Во етно куќата има голем двор каде што децата можат безгрижно да си играат и верувајте, многу ,,нејадачи“ овде првпат почнале да јадат.

 Фото: Приватна архива

Какви гастрономски специјалитети нудите, што задолжително треба да дегустираме кај вас?

– Во нашиот етно ресторан нудиме повеќе видови макала, ајвар, лутеница, к’лканица односно летен пинџур, баници, свинско ребро, дивеч и јагне во фурна, пастрмка и крап од локални производители, домашно сирење, неколку видови тави, вргањ, домашно вино, сок од боровинка, дренки и капини, слатко од диви јагоди, смокви и боровинка, зеленчукови даски…

 Фото: Приватна архива

Располагате со сопствена бавча, чувате ли и животни, што сè произведувате?

  Имаме органска бавча со наш зеленчук, цреши и овошје, одгледуваме кокошки за сопствени потреби и имаме неколку сандаци со пчели. Нашите гости можат да се снабдат со домашен мед од локални производители, со чаеви и со  природни сапуни.

 Фото: Приватна архива

Кога гостите престојуваат кај вас, какви активности и посети во околината им препорачувате?

– Ова е идеално место за семејни одмори, затоа би им препорачале на нашите гости да си понесат удобни спортски чевли, за пешачење, планинарење, трчање и возење велосипед и мотор. А доколку сакаат повеќе адреналин можат да уживаат во параглајдинг или во шетање со џип по планински патеки.

 Фото: Приватна архива
 Фото: Приватна архива
 Фото: Приватна архива
 Фото: Приватна архива

 

 Фото: Приватна архива

 

 

Поврзани вести

Што содржи македонскиот предлог до Софија?

ФОТО | Вистинско уживање! Се кандисавме за Охрид, бендисавме и топло препорачуваме: Кај Маја и Душица на домашни специјалитети од кои ќе ви се отворат сите чакри

Јасмина Кантарџиева Димков

Лана Бариќ – актерка, режисерка и сценарист: Имав потреба да раскажам приказна за една од нас, за жена што има своја борба што речиси никој не ја гледа

Елена Копртла

Дејвид Гета ги продаде своите песни за повеќе од 100 милиони долари

Слободен Печат

Конечно Јужниот океан го доби официјалното признание како петтиот земјин океан

Слободен Печат

Германското МВР потврди: Слободен влез за македонските граѓани од 20 јуни

Слободен печат

Остави Коментар