Во ерата на Новак Ѓоковиќ: Има ли нешто послатко?

Фото: EPA-EFE/STEVE PASTON

Привилегија е да растеш во ерата на Новак Ѓоковиќ. Па, уште и да си негов сонародник! Што би дале Англичаните за тоа? Погледнете го финалето на Европското фудбалско првенство, одиграно неколку часа по Вимблдон

За оние кои сметаат дека спортот не е многу важен, нека погледнат како Англичаните го дочекаа своето прво фудбалско финале по педесет години. Или Италијанците, со финалистот на Вимблдон, Беретини, и европскиот фудбалски шампион.

Значи, спортот е многу важен, одново, инаку не би вредел толку. Теориите на заговор велат дека еден процент од луѓето поседуваат 90 проценти од светскиот капитал, но тие не кажуваат дека само 0,1 процент од богатите кои се наоѓаат на списокот на најбогати денес се стари богаташи, односно само семејството Ротшилд, на 970-то место. Прераспределбата на капиталот вели дека денеска најбогатите луѓе се сопствениците на „Амазон“, „Фејсбук“, „Мајкрософт“, „Нетфликс“, Премиер лигата, Мајкл Џордан…

Никогаш не било почесно. Јокиќ за „Денвер“ вреди колку и Џабар за „Лејкерс“ пред 30 години, но тој ќе добие 250 милиони долари во следните пет години, иако Џабар заработи 25 за целата своја кариера.

Премиер лигата вреди повеќе од повеќето источноевропски земји. Дали е ова измама? Или се работи за пазарни правила што се исти и за „Кока Кола“ и за црквата. Сè додека има некој да пие или да се моли, тоа е тоа.

Новак, Џордан, Шумахер

Сепак, во целата приказна еден спорт е специфичен. Се гледа на целата планета. Се игра на целата планета. Нема човек на светот кој нема идоли од неговата генерација во тенис. Исто така, тој е единствениот спорт во кој жените заработуваат скоро исто колку и мажите.

Во тој спорт има само ЕДЕН од минатиот викенд. Најдобриот тенисер на сите времиња. Новак Ѓоковиќ.

Федерер не се повлече на време. Џабе му се рекламите сега. Да си замина со 16 грен-слема, тј ќе имаше своја ера. А можеби и некоја победа повеќе од Новак. Вака, тој е само играч во Ерата на Новак. Федерер и Надал освоија заедно 15 грен-слема во последните десет години, Новак сам 19. И победите допрва следуваат… Се виде тоа во последното финале на Вимблдон.

Најдобар тенисер по Новак е Пит Сампрас, потоа Лендл, секој поединечно најдобар играч во своето време.

Новак! Тоа е категоријата на Мајкл Јордан и Михаел Шумахер.

Се работи за менталитетот. Човек ги надминува границите… Во 2008. Во 2011. Ова сега… Такво нешто не е забележано во светските спортови.

Сѐ е во главата!

Некни се сетив на договорот што го склучивме со Новак за правење големо интервју, кога тој беше во криза и се мислеше дали да дигне раце од сѐ. Во тоа време, го издававме списанието на неговата фондација и зборувавме интервјуто да го започнеме со прашањето: Дали, како Марадона, еден ден ќе жалиш за тоа каков играч си, а каков можеше да бидеш?

И тогаш такво прашање беше на работ од пристојноста, а денес би се срамел од него. За среќа, тој разговор не се случи, иако сето тоа беше со цел да се размрда Ноле. Но, дури и тогаш знаев дека сите тие диети, алтернативи, се само неверојатна желба и концентрација да се достигне следното ниво.

Ако постои спорт што се игра со глава, тоа е тенисот. А најдобрата глава е на неговите рамена.

Тој е поголем од спортот

Привилегија е да растеш во ерата на Новак Ѓоковиќ. Па, уште и да си негов сонародник!

Што би дале Англичаните за тоа? Погледнете го финалето на Европското фудбалско првенство, одиграно неколку часа по Вимблдон. Саутгејт, повторно, го промаши Еврото, а „Гардијан“ објави дека по добиен натпревар, насилството рипнува за 28%, а по загубен – за 39%.

Колку неверојатно звучи што во богата и развиена земја некој гледа дека црните играчи не постигнале од пенал. Го гледав натпреварот и не го сфатив тоа сѐ додека не излегоа расистичките вести.

Затоа овој, нашиов народ треба да го имитира единствениот Србин кој е нешто најдобро во светот. Покрај рекетот, да се фати и за неговиот менталитет. Тенисот е џентлменски спорт, а најголем џентлмен во него е Новак Ѓоковиќ. И кога зборува на пет јазици и кога во секунда успева да се снајде кога ќе го прашаат за кого ќе навива и кога зборува за Федерер и Надал.

Ги имаме Моника Селеш и Ана Ивановиќ. Боба Живојиновиќ беше 19-ти играч во светот, па успеа да ја „дрпне“ Лепа Брена во поранешна Југославија.

Кошарката отсекогаш била нашиот најорганизиран спорт, фудбалот најкриминален.

Но, Ѓоковиќ е поголем од спортот. Тој е причината низ цел свет да ни ги памтат нашите презимиња, бидејќи и во литературата е правило дека тешко поминува унгарски писател – не можете да запомните ниту еден херој чие име не е Јанош.

Најпознатиот Србин, Никола Тесла, беше само еднаш во Белград, во 1892 година, и по тој повод рече: „Ако имам среќа да реализирам барем некои од моите идеи, тоа ќе биде за добробит на целото човештво. Ако се исполнат моите надежи, мојата најслатка мисла ќе биде дека тоа е дело на Србин.“

Има ли нешто послатко со Новак…

Преземено од „Недељник“ од Белград

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Видео на денот