Во Драмски театар Скопје премиерно ќе биде изведена претставата „Кафез кај Кокони“

Актерите во претставата „Кафез кај Кокони“ во Драмски театар Скопје

На сцената на Драмски театар Скопје на 13 мај 2023 (сабота), во 20 часот, ќе се одржи премиерата на претставата „Кафез кај Кокони“, поставена на текст на францускиот автор Жан Пуаре, а во режија на Димче Николовски. Претставата не се препорачува на лица помлади од 18 години.

Сценографијата е на Димче Николовски и Благоја Бошковски Буцко, костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска. Кореограф на претставата е Кренаре Невзати – Кери. Преводот е на Радмила Јорданова и Благоја Бошковски Буцко, адапатацијата на Александра Бошковска и Благоја Бошковски Буцко, изборот на музика е, исто така, на Александра Бошковска и Благоја Бошковски Буцко.

Улогите во „Кафез кај Кокони“ се доверени на актерската екипа: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар -Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и во улогата на Саломе – Бранко Атанасов. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев и суфлер е Жаклина Цветковска.

Александра Бошковска за претставата истакнува дека француската фарса „Кафез кај Кокони“ („La cage aux folles“) ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз. Мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија на ситуации, забуни и карактери, ја освојува публиката на прв поглед и доживува над 2000 репризи.

Игрив и забавен, но и храбро проткаен со сериозни теми дотогаш неприкажани на толку експлицитен и дрзок начин, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет.

Комичниот заплет е толку шармантно уникатен што провоцира две филмски адаптации – „La cage aux folles“ (1978) и „The Birdcage“ (1996), како и ексклузивна преработка во мјузикл за Бродвејската сцена во 1984 година.

И покрај тоа што е изградена врз база на одредени стереотипи, пиесата како и сите нејзини адаптации, има важна улога во кршењето на бариерите и предрасудите за тоа како се претставуваат и прифаќаат луѓето со поинаква сексуалност.

Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесетти години на 20 век, претставата „Кафез кај Кокони“ на Драмски театар Скопје сака да прикаже дека педесет години потоа, овие прашања се сѐ уште отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост, соопштија од Драмски театар Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот