Во Дижон средба Франција-Балкан за придонесот на локалните власти во процесот на евроинтеграција

Туристи со заштитни маски во посета на Франција/ Фото: EPA-EFE/CAROLINE BLUMBERG

Соочени со предизвиците на европската интеграција на Балканот, средбата во Дижон, Франција-Балкан, организирана од Здружението на францускиот совет на општини и региони на Европа (АФЦЦРЕ) има за цел да одговори каков е придонесот на локалните власти во овој процес.

Средбата утринава беше отворена од заменик градоначалничката на Дижон Слаџана Живковиќ во име на домаќинот, градоначалникот на Дижон и претседател на метрополата Дижон, Франсоа Ребсамен. Во текот на денот ќе биде направен преглед на пристапниот процес, ажурирање на преговорите, меѓународниот контекст, патот кој претстои, потоа какво влијание и какви се очекувањата на локално ниво од истиот.

Треба да се напомен дека во рамките на својата Комисија „Европа и соседство”, Здружението на францускиот совет на општини и региони на Европа (АФЦЦРЕ) покажува голем интерес и внимателно го следи процесот на проширување на ЕУ, особено во однос на Западен Балкан. Денешната конференција не е прва, која се одржува во Дижон. Но таа има годинава сосема друг пристап, со оглед на тоа што на 19 јули, за време на француското претседателство, Европската унија ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија, кандидат од 2005 година и Албанија, кандидат од 2014 година. Така двете земји им се приклучија на Србија и Црна Гора во кругот на преговорите.

AФЦРЕ ја поздрави оваа одлука, која се случи во европски и меѓународен контекст обележан со тензии поврзани со војната во Украина и руската закана, кои имаат силни реперкусии во балканскиот регион. Понатаму, Европската комисија неодамна препорача земјите-членки да и дадат на Босна и Херцеговина статус на земја кандидат за членство.

Затоа, оваа средба која се одржува во Дижон е дел од позитивниот контекст на деблокирање и продолжување на процесот на проширување на Европската унија.

Покрај тоа, соработката и размената меѓу Франција и Западен Балкан се уште е мала. Ова е причината зошто Балканот и Франција можат само да добијат од нивните локални власти и локалните претставници, ако тие подобро се запознаат.

Во македонската делегација во Дижон се наоѓаат градоначалниците на Битола Тони Коњановски и секретарот на општината Борче Димитровски, и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кои учествуваат на тркалезните маси заедно со избраните функционери и локални функционери од Франција и Западен Балкан. Покрај нив, во работата се вклучени претставници на здруженија на локалните власти на Балканот, експерти од регионот, како и претставници на дипломатските претставништва во Франција и во различни земји.

Тие ќе се фокусираат на европската иднина на Западен Балкан и на прашања поврзани со процесот на европска интеграција и пристапување, особено на локално ниво. Исто така, ќе биде прашање на унапредување на соработката на локалните власти на Франција и Западен Балкан и размена на мислења за теми како што се локалното јавно дејствување, атрактивноста и подобрувањето на териториите.

Средбата е организирана во партнерство со градот Дижон, Дижон-Метропола и со поддршка на Делегацијата за надворешна акција на локалните власти на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција. Таа е дизајнирана од AФЦРЕ како состанок за регионална соработка на Западен Балкан во рамките на процесот на интеграција во ЕУ, под покровителство на француската Влада.

За време на средбата француските организатори обезбедија симултан превод на македонски јазик за учесниците од македонските локални заедници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот