Во делови од Русија продолжува неработната недела поради напнатата епидемиолошка ситуација

Ковид Русија/ Фото EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Четири руски области објавија дека ќе го продолжат еднонеделното затворање на компаниите што е во сила низ целата земја од 30 октомври за да одговорат на порастот на инфекциите и рекордниот број смртни случаи од коронавирус.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди затворање кон крајот на октомври и им даде можност на регионалните власти да го продолжат. Властите во регионите Курск и Брјанск кои се граничат со Украина, регионот Чељабинск во близина на Урал и сибирски Томск најавија дека ќе го продолжат затворањето.

– Напнатата епидемиолошка ситуација не принудува да го продолжиме периодот на неработни денови за уште една недела. Една неработна недела не е доволна за да се запре бранот на зарази, изјави гувернерот на Томск, Сергеј Звачкин.

Русија денеска потврди рекордни 1.189 смртни случаи од коронавирус за еден ден, а владиниот штаб за коронавирус објави 40.443 нови инфекции во изминатите 24 часа. Во меѓувреме, московските власти најавија дека компаниите ќе се отворат во понеделник.

„Ширењето на болеста е стабилизирано во смисла на откривање и тешки форми кои бараат хоспитализација. Другите мерки, вклучително и барањето најмалку 30 отсто од вработените во компаниите да работат од дома, остануваат на сила, рече градоначалникот Сергеј Собјанин, пренесе новинската агенција РИА.

Агенцијата за заштита на потрошувачите во Москва соопшти дека забележала прекршоци во повеќе од една четвртина од компаниите каде што била во инспекција минатата недела.

Московскиот регион, кој вклучува помали градови и места околу градот, исто така најави дека нема да го продолжи „локдаунот”. Регионот Новгородск во понеделникот објави дека ќе го продолжи заклучувањето за уште една недела.

Извор: МИА

Видео на денот