ИНФОГРАФИК: Во Дебар сезонскиот грип зема замав, се шири и меѓу децата

грип луѓе инфективна маски
За 4 седмици 263 заболени од грип / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Според последните податоци од Министерството за здравство, во Дебар е регистиран само 1 активен случај на ковид-19 односно 1 новозаболен во последните 2 недели, но затоа пак таму се регистрирани дури 50 случаи на сезонски грип.

Грипот во државава зема замав во последната 45. недела, односно периодот од 8.до 14-ти ноември, или петтата недела од почетокот на оваа сезона 2021/2022. Вкупно се пријавени нови 97 случаи, од кои најголем дел се во Дебар -50, Гостивар -16, Охрид-13, Тетово -8, Кавадарци -6 и Прилеп со 4 случаи.

Оваа бројка претставува зголемување од 51,6 проценти во однос на претходната недела (01.-07.11) кога се регистрирани 64 случаи на грип или заболувања слични на грип, зголемување од 4,2 пати во однос на минатата сезона и 33,1 процент во однос на просекот.

За 4 седмици 263 заболени од грип

Кумулативно, од почетокот на сезоната, пријавени се 263 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип со инциденца од 12,7/100.000 жители, стои во последниот извештај на ИЈЗ.

Во однос на возраста од 97-те новозаболени, 42 лица спаѓаат во возрасната група од 15-64 години, а само тројца се постари од 65 години. Индикативно е што грипот е регистриран кај 52 деца под 14 години, од кои 27 се на возраст до 4 години, а 25, меѓу 5 и 14 години.

Грипот во Република Северна Македонија почнува сезонски да се бележи од 40-тата недела во годината или почетокот на октомври до тој период следната година. На почетокот на октомври, не е регистиран ниту еден случај на сезонски грип, туку тој се појавува во периодот од 11-17 октомври кога само во Гостивар се регистрирани 6 заболени, две од нив се од возрасната група од 15-64, а четири лица се на возраст над 65 години.

По 18-ти октомври бројот на заболени од сезонски грип расте на 15, но бројката се уште е во рамките на просекот и во споредба со минатата сезона и 14 од нив се регистирани во Охрид и само еден во Дебар.

Бројката на новозаболени од грип нагло се покачува во 43. недела односно последната седмица во октомври кога се регистрирани 73 случаи, најмногу во Дебар -32, Охрид – 16, Гостивар – 9, Скопје – 8, Тетово – 5 и Кавадарци – 3. Во однос на возрасната група од 0-4 години и од 15-64 години регистрирани се по 26 лица, 12 лица се пријавени од 5-14 години и 9 лица од возрасната група над 65 години.

Првата недела од ноември се придодаваат уште 64 нови случаи на грип, повторно најмногу во Дебар, Гостивар – 16, Кавадарци – 7, Прилеп – 6, и Кратово, Струмица и Тетово – по 1. Во однос на возрасната група од 15-64 години регистрирани се 29 лица, од 0-4 години се регистрирани 20 лица, 11 лица се пријавени од 5-14 години и 4 лица од возрасната група над 65 години.

Од Институтот за јавно здравје напоменуваат дека во целиот овој петнеделен период се пристигнати 1.081 материјал кои се паралелно тестирани за грип и ковид-19 и од нив регистриран е еден позитивен случај на инфлуенца Б несубтипизиран.

Вакцинацијата најдобра превентива

ИЈЗ напоменува дека во тек е вакцинација против сезонски грип кој е најдобра заштита за ова заболување и се препорачува за целото население, особено за лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Вакцинацијата започна на 10 ноември, а граѓаните можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар.
Оваа година, за бесплатно вакцинирање се набавени 40.000 дози вакцини против сезонски грип, 12.000 повеќе споредено со минатата сезона.

И лани најмногу грипосани во Дебар

Минатата сезона 2020/2021, вкупниот број на заболени од грип/ заболувања слични на грип изнесува 1.127, и тогаш повторно најмногу заболени имало во Дебар каде е регистрирана Највисока кумулативна инциденца од 2.918,4/100.000 жители.

Според возрасната дистрибуција, најголем број на заболени (413 случаи, 36,6%) и највисока инциденца (355,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

Институтот исто така потенцира дека во текот на сезоната 2020/21 не се регистрирани смртни случаи асоцирани со грип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот