Во Црна Гора има етничко дистанцирање и кон Црногорците и кон Србите

На неодамна одржаната онлајн-конференција „Еднаквоста како реалност“ на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ) во Подгорица, беа презентирани клучните наоди од анализата „Ефектот на општините како специфични средини врз етничката дистанца“

Зајакнувањето на економијата и зголемувањето на нивото на културниот капитал, што се рефлектира во развојот и зајакнувањето на информациската писменост, има позитивен ефект врз намалувањето на етничката оддалеченост во Црна Гора, беше речено на конференцијата на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ). На онлајн-конференцијата „Еднаквоста како реалност“ беше оценето дека законските решенија мора да се променат со цел сите малцински народи да бидат еднакви.

Милош Бечиќ, експертот за методологија на ЦЕДЕМ, рече дека тие истражувале дали и во колкава мера општините придонесуваат и колку влијаат врз зголемувањето или намалувањето на степенот на етничкото дистанцирање. Процентот на растојанието кон Црногорците, засновано на местото на нивно живеење, е 21,1 процент, вели Бечиќ. Тој процент за дистанца кон Србите е уште поголем, 24,6 проценти. „Во однос на Бошњаците, ефектот на дистанца во општините е 8,5 проценти, кај муслиманите е 14,1%, кај Албанците 16,3, кај Хрватите 18,8, а кај Ромите 10,1 процент“, вели Бесиќ.По општини, етничката оддалеченост кон Црногорците најизразена е во Плав, но и дека таму растојанието кон Србите е слична величина. Кога, пак, станува збор за оддалеченоста кон Бошњаците, таа е скоро непостоечка во Рожаје, додека е многу висока во Савник и Андријевица.

„Кога станува збор за оддалеченоста кон муслиманите, моделот е многу сличен на оној за Бошњаците, освен во случајот со Котор, каде што имавме ниско ниво на дистанца кон Бошњаците и високо ниво на дистанца кон муслиманите“, вели Бесиќ. А, за дистанцата кон Албанците, најниските вредности на дистанцирање се забележани во Улцињ и Рожаје. Тој објаснува дека, кога станува збор за вкупното меѓуетничкото растојание, општините што се карактеризираат со најголем степен на етничка дистанца се Плав, Савник, Андријевица, Беране и Цетиње, додека во Улцињ и Котор е најмалку изразено.

„Утврдивме и дека колку е повисоко нивото на невработеност, толку повисоко ќе биде нивото на етничко растојание, и колку е поголем бројот на компјутерски писмени луѓе во општините, толку е помало нивото на етничката дистанца“, констатира Бесиќ.

„Општата препорака е, следствено, дека треба да работиме на зајакнување на економскиот статус на општините, како и на зајакнување на информациската писменост во општините, бидејќи на тој начин можеме да очекуваме намалување на степенот на етничко растојание“, вели Милош Бесиќ.

Регулативата е важна

Директорката на ЦЕДЕМ, пак, Милена Бесиќ, вели дека прашањето за нормативното регулирање и практичното остварување на правата на малцинските народи и другите малцински заедници е еден од клучните критериуми за проценка на степенот на демократизација на општеството, но и услов за интеграција на земјата во европските и евро-атлантските структури. „Целосна интеграција на сите етнички и национални заедници може да се постигне исклучиво преку почитување и признавање на нивниот колективен идентитет, со забрана на асимилација и сите форми на дискриминација на малцинските и националните заедници“, констатира Милена Бесиќ.

Професорот Николета Ѓукановиќ од Универзитетот во Доња Горица потсетува дека „процентот на малцинските листи во Црна Гора денес е 6,17 проценти“. „По парламентарните избори во 2016 г., процентот на малцинските листи беше 4,94 проценти, а по парламентарните избори во 2012 г., 7,4 проценти. Значи, денешните резултати се полоши од претходното свикување на Парламентот“, посочува Ѓукановиќ. Таа предупредува и дека законските решенија се непрецизни и нецелосни, кога станува збор за Законот за избор на советници и заменици во општините и дека оставаат простор за злоупотреба.„Неопходно е да се создадат соодветни механизми за застапеност на малцинствата, а не само на партиите“, смета Ѓукановиќ.На тоа се надоврзува и претставникот на граѓанското движење УПРЕ, Елвис Бериша, кој оцени дека Ромите треба да имаат политички претставник во Парламентот, кој првенствено ќе се занимава со положбата на Ромите и Египќаните во општеството и на најдиректен начин ќе бара решавање на одредени прашања што ги мачат со години.

„Политичките субјекти во Црна Гора, во последните неколку години, не беа отворени за можноста да се вклучат претставници на заедницата на Ромите на нивните изборни листи, а тоа го покажаа и последните избори: на сите парламентарни изборни листи немаше ромски претставници, додека на локалните избори, на две изборни листи се појавија претставници на ова население на 56-то и 62-то место!“

Помалите групи се невидливи

На тоа се надоврзува и претседателот на Хрватската граѓанска иницијатива во Црна Гора, Адријан Вуксановиќ, кој се согласи дека политичкото поле во Црна Гора е нецелосно, затоа што, како што вели, во него ги нема претставниците на хрватскиот или ромскиот народ. „За да опстане националната заедница, таа мора да има свој политички идентитет. Не смее да биде аполитична“, вели Вуксановиќ. Нема Хрвати во Парламентот, а наскоро нема да бидат ни во владата, со што „нема да се слушне еден важен глас што ќе може да ги артикулира сите нивни потреби“.

Претставникот на Црна Гора пред Европскиот суд за човекови права, Валентина Павличиќ, подвлекува дека стандардот на една држава се проценува врз основа на утврдени повреди на дискриминаторските права. Механизмите за заштита од дискриминација, вели таа, мора да се користат во поголема мера.

Претседателот на Основниот суд во Подгорица, Жељка Јововиќ, информира дека црногорското законодавство е усогласено со сите релевантни меѓународни конвенции и препораки и дека Црна Гора има добра законска рамка за заштита на припадниците на малцинските нации. Но „таквите информации ги црпиме од систем стар скоро две децении, кој не дава статистички податоци што се најсигурни“, вели Јововиќ. Таа најави дека новиот судски информативен систем ќе ги подобри евиденциите на предметите и дека тогаш ќе има појасна слика за реалниот број жалби и сите важни карактеристики на случаите и врз основа на евентуалните етнонационални дискриминации.

 

Пренесено од „Вијести“ од Подгорица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот