Во чест на Градимир Јовановиќ – Киби: Последната вистинита вест

Да живееме во култура на сеќавање, а не на заборав – сега кога Киби е од онаа страна на гласот – веројатно ќе се најдеше време, начин и место повторно да се слушнат неговите легендарни вести, извештаи, емисии…

Во морето (црно) од лажни вести во кое живееме и со сите сили се обидуваме да преживееме, не само медиумски, на 22 септември стигна и една ваква: Во Скопје, по кратко боледување, почина Градимир Јовановиќ – Киби. Бард на македонското  новинарство воопшто и на радионовинарството посебно.

Веста што најмногу заслужуваше да биде веднаш демантирана и потврдена како лажна, беше конечно и немилосрдно вистинита. За жал. Ама, од друга страна, веројатно поинаква и не можеше да биде последната вест за некој што од првата што ја напишал, па до последната, ѝ ја посветил на вистината. Трагајќи по неа и обидувајќи се на најдобар, најпрофесионален можен начин да им ја пренесе на другите луѓе. Објавувајќи – повеќе од 40 години – вести, извештаи, репортажи, емисии, колумни… Со потпис: Градимир Јовановиќ – Киби, како потврден, докажан, несомнен гарант за нивната вистинитост.

Киби (роден во Ниш, 1940 година) својата новинарска кариера ја почнал во Радио Скопје во 1960 година. Осум години подоцна станува уредник на Информативната програма, а од 1982 година до пензионирањето во 2002 година работи како уредник коментатор. Автор е на голем број емисии, бил учесник, сведок и специјален известувач од важни настани во земјата и во странство, соработувал со други медиуми, а бил и потпретседател на Здружението на новинарите на Македонија. Добитник на наградата за новинарство „Крсте Мисирков“, на три први награди за најдобар радиовесник и за најдобар политички коментар на фестивалот на Југословенската радиотелевизија. Сведочел и известувал за воени пучеви и преврати во Сирија (1964), Алжир (1966), Либан (граѓанската војна во 1968), албанската револуција во 1991… Беше прогласен за почесен граѓанин на Букурешт за известувањето за катастрофалниот земјотрес во 1977 година,  одликуван со Орден за труд со златен венец од Јосип Броз Тито во името на СФРЈ. Градимир Јовановиќ – Киби беше еден од покренувачите на нашиот весник „Слободен печат“.

Овие факти и податоци во неговата импресивна биографија, сепак не се доволни за нивниот читател да каже дека го познава ликот и делото на Киби. Вистинската историја, таа што веројатно никогаш нема да биде напишана, е историја на значењата, на односите, на живиот живот, а не на мртвите документи. Информацијата дека Киби добил прва награда за најдобар радиовесник, освен за тој гол факт не кажува ништо друго. Ништо за вестите што ги направил, за гласот, за интонацијата со која им ги пренел на слушателите, за неверојатната тензија со која тие ја чекаа најавата (…Македонско Радио, Радио Скопје, пладневен радиовесник…), ништо за тоа дека не само начинот на кои беа пренесени дневните настани, туку и самата емисија беше настан на денот. Оној што барем еднаш ги слушнал тие, тогашни, вести ќе знае повеќе за Киби и за неговите колеги, отколку тој што прочитал дека бил награден за нив. Така и податокот дека бил прогласен за почесен граѓанин на Букурешт, не кажува ништо за неговите драматични извештаи во кои ја отсликал катастрофата на градот и на неговите жители.

Да живееме во култура на сеќавање, а не на заборав – сега кога Киби е од онаа страна на гласот – веројатно ќе се најдеше време, начин и место повторно да се слушнат тие легендарни вести, извештаи, емисии… Можеби некој и ќе научеше нешто за одговорноста, професионализмот, за високите критериуми и стандарди, за писменоста, за вистината и за врвните дострели во новинарството. Нешта што тонат или веќе ги однесе бранот од лажни вести, вредности и величини. И од цунамито на вистинска неписменост од која страдаат медиумите денес.

Во времето кога државните антени објавуваа лаги, а вистината се ширеше од уво на уво, се случи – иако многу умни луѓе велат дека ништо не е случајно – ние, неговите колеги во „Слободен печат“, да ја имаме ретката привилегија и честа да соработуваме со Киби. Тој во весникот ги објави своите последни колумни. Исто така бескомпромисни, јасни, вистинити, писмени… Текстови достојни на потписот на авторот.

Сега кога ни небото не ти е граница, почивај во мир, Градимир.

 

Од твоите колеги во „Слободен печат“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот