Во Бразил започна најбитната претседателска кампања во поновата историја

Колаж на СП/ Профимедиа

Започна претседателската кампања во Бразил, која многумина ја сметаат за најбитна во последниве години.

Актуелниот претседател Жари Болсонаро моментално заостанува зад левичарот, воедно и поранешен претседател, Луиз Инасио Лула да Силва, велат анкетите.

Поранешниот капетан на армијата, Болсонаро ја заостри својата реторика во последните недели, велејќи им на странските дипломати дека бразилскиот електронски систем за гласање не е доверлив и им нареди на армиските офицери да го следат изворниот код што се користи во повеќе од половина милион гласачки кутии, пренесува „Гардијан“.

Поддржувачите на претседателот направија инциденти на последните два собири на противкандидатот Лула. На еден од таквите собири во бразилскиот град Фоз де Игуацу, дојде до убиство на еден од членовите на Работничката партија на Лула.

Западните земји ги осудуја агресивните настани, повикувајќи го Болсонаро да престане да ја „потпалува“ ситуацијата пред изборите.

Лула да Силва/ Фото EPA-EFE/Sebastiao Moreira

Страв од насилство

На национално ниво, 76-годишниот Лула постојано бара повеќе лично обезбедување, а тој во јавност секогаш носи панцир, стравувајќи од напади. Неговата кампања започнува оваа недела со митинзи во Сао Паоло и Бело Хоризонте.

Иронично, најистакната жртва на насилство во последниве години е токму актуелниот претседател Болсонаро, кој беше избоден со нож на настан на кампањата во септември 2018 година, само неколку недели пред да дојде на власт.

Тој тогаш помина три недели во болница и беше принуден да оди на операции како резултат на нападот, извршен од маж со ментални здравствени проблеми.

Сепак, инцидентот не го спречи да дојде на власт и силно да застане на чело на земјата.

Но, експертите стравуваат дека состојбата во Бразил во наредниве недели може да се влоши, односно да се зголеми бројот на насилства низ улиците во јужноамериканската земја.

Болсонаро оваа недела заостанува во анкетите кои му даваат предност на Лула од 12 поени, иако разликата малку се намали во последните недели.

„Ако неговата предност продолжи да расте со консолидирање на гласовите од оние кои во теорија треба да гласаат за него, оние луѓе кои го мразат Лула повеќе од било што и кои можеби не биле целосно задоволни со неговата влада, тогаш тоа нема да ја промени играта“, смета Витор Оливеира, политиколог од консултантската куќа Пулсо Публико.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот