Во болница во Детроит луѓе умираат во ходници, медицинските сестри одбиваат да работат

Вработените во болницата Синаи-Грејс во Детроит за Си-Ен-Ен раскажале шокантна приказа за условите во кои работат со пациентите кои боледуваат од коронавирусот.

Болницата е толку пренатрупана со пациенти, што персоналот нема избор, па во една соба ставаат и по четворица иако е вообичаено да нема повеќе од двајца. Заради недостаток на простор, болните на респиратори лежат и во ходниците каде се мешаат со луѓе кои дошле да бараат помош од друга причина.

Медицинските сестри рекле дека виделе двајца кои умреле на кревет во ходник, а има толку многу луѓе што не стигнуваат сите да ги згрижат. Еден пациент починал бидејќи едноставно никој немал време да дојде до него за да види дека нема пулс. На друг му се исклучил респираторот, но ниту тоа никој не стигнал да го види, раскажале за Си-Ен-Ен.

Заради неиздржливата ситуацијата седум сестри во сабота вечерта одбиле да продолжат со работа додека итно не им испратат „појачување“, односно медицински сестри од други болници

Како воена зона

Мичиген по број на случаи со заразени од коронавирус е трета држава во САД. Пред помалку од месец дена имало 300, а сега има повеќе од 20.000. Проблем за болницата Синаи-Грејс е фактот што се наоѓа во близина на неколку домови за стари лица кои се повеќе се заразуваат и доаѓаат по помош.

„Немаме избор. Ги ставаме болните каде стигнеме. Во операциони сали, во ходници и во сите простори кои можеме да ги искористиме. Не знаеме уште колку ќе можеме вака. Немаме сила сите да ги спасиме“, рекол директорот на болницата Брајан Тејлор.

Четири вработени кои анонимно збореле за Си-Ен-Ен раскажале  дека по ходниците слушаат звукови на аларм од респиратори, но едноставно не стигнуваат на време кај сите пациенти.

„Пациентите кои се во многу тешка состојба и кои имаат видни симптоми на коронавирус не ни пробуваме да ги оживееме, бидејќи се во премногу лоша состојба и ризикот од зараза е голем“, раскажале тие.

„Болницата изгледа како воена зона. Пациентите се секаде, опремата исто така. Владее хаос, доктори и сестри трчат наоколу. Страшно“, рекол еден вработен во итната служба..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот