Во Битола почнува петтото издание на „Џез фабрика фестивал“

Единствениот етаблиран меѓународен џез фестивал на територијата на Општина Битола „Џез фабрика фестивал“ во своето петто издание ќе се одржи од 7 до 9 јули на сцената на НУ Народен театар Битола и КИЦ (Офицерски дом) Битола.

„Џез фабрика фестивал“ ја негува современата и прогресивна музичка мисла со главен фокус на домашните и регионални артисти. Фестивалот е стожер во креирањето на современата македонска музичка сцена, преку културна децентрализација, меѓународна промоција на домашни артисти, партнерство во европски мрежи со што стана и промотор на социјални и општествени промени.

– Долгорочната стратегија на фестивалот, кој е основан во 2018 година, беше за период од пет години да го надмине регионалниот карактер, што успеавме да го постигнеме со јубилејното петто издание. На сцената на НУ Народен театар Битола и во КИЦ (Офицерски дом) Битола, покрај највлијателните македонски џез-имиња, ќе настапат „Фишерманс оркестра“ од Швајцарија, Ермано Панта и „Банда Цеитун“ од Шпанија и Перу, „Фанфара стејшн“ од Италија и Оливие Самојлан од Франција – истакнува Сашо Поповски, основач и директор на „Џез фабрика фестивал“.

Во главната програма на фестивалот ќе настапи Гордан Спасовски Трио од Македонија, додека во сајд-програмата ќе се одржи презентација и работилница на „Аудиокултура“ од Скопје, ќе има дебата во соработка со „Камаи Медиа“ на тема „Значењето на ИТ компаниите во креирањето на современото културно живеење во Битола“, а пред завршувањето на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Гоце Димитровски“. Добитник на наградата за најдобар млад џез музичар во 2021, во соработка со Општина Битола, е Александар Бошков.

На различни локации низ Битола во текот на трите фестивалски денови во рамките на сајд-програмата ќе настапат и „Иле д’хер“, Антоние Весковски, Александар Бошковски Квартет и Б.Бој Јордан Николов.

– Втор приоритет ни беше членување во афирмирани европски асоцијации и проекти. Така, во 2019 фестивалот стана член на ЕФФЕ – Брисел, во 2020 на „Мост мјузик“ – Будимпешта, во 2021 на „Џез Франција – Балкан“, проект одобрен од Министерството за култура на Франција. Исто така, ја формиравме и Асоцијацијата на џез-фестивали во која членуваат Кикинда блуз и џез фестивал од Србија, Трансилванија џез фестивал од Романија, Џез Равне од Словенија, како и Фестивалот на современа музика „Модоарс“, „Џез фортнајт фестивал“ и „Џез фабрика фестивал“ од Македонија – објасни Сашо Поповски.

Петтото издание на фестивалот се одржува со поддршка на Општина Битола, Народен театар Битола, Културно-информативниот центар и асоцијацијата „Мост“ од Будимпешта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот