Во Авганистан има уште стотина американски државјани кои сакаат да заминат

Евакуација од Кабул. / Фото: EPA-EFE/DISTRICT INFORMATION OFFICE JAMNAGAR HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

САД имаат информации дека има уште стотина американски државјани и резиденти во Авганистан и дека тие се подготвени да ја напуштат земјата, изјави денеска висок претставник на Стејт департментот.

Стејт департментот работеше на евакуација на овие луѓе од Авганистан со авион, изјави функционерот кој побарал да не биде именуван, пренесува Ал Џезира.

– Нашиот највисок приоритет во Авганистан, се разбира, останува да им помогнеме на оние американски граѓани кои сега сакаат да ја напуштат земјата, да го сторат тоа, рече официјалниот претставник.

Околу 124.000 луѓе беа евакуирани од Кабул минатиот месец откако талибанците ја соборија проамериканската влада и ја презедоа власта.

Од повлекувањето на американските војници и предавањето на аеродромот на талибанците на 31 август, 85 американски државјани и 79 резиденти го напуштија Авганистан со авион, рече официјалниот претставник.

Сепак, некои американски државјани не сакаа да го напуштат Авганистан без членови на семејството кои ги немаа потребните патни документи за да влезат во САД, рече официјалниот претставник.

САД наскоро ќе ги интензивираат напорите да им помогнат на блиските членови на семејствата на американските државјани кои ја немаа потребната документација, посочи функционерот од Стејт департментот.

Извор: МИА

Видео на денот