Во Америка со векови не се остава простор да пркне трета политичка опција
Во систем во кој победникот го зема целиот плен, малите партии и независните кандидати се „осудени“ на неуспех, па немаат никаков интерес да организираат и да водат предизборни кампањи зашто не можат да го издржат финансискиот товар
Кога бил пишуван Уставот на САД пред четвртина милениум, во него немало простор за ниту една партија, а сепак, историјата покажува дека речиси низ целата историја на Соединетите Држави доминираат две – Републиканската и Демократската.
И во овој циклус изборот на Американците се стесни на двајца кандидати – потпретседателката Камала Харис, номинирана од Демократската партија, и поранешниот претседател Доналд Трамп, номиниран од Републиканската партија.
Но, гласачите имаат право да се определат за уште 11 кандидати номинирани од партии, како и двајца независни кандидати. Само двајца од нив теоретски имаат шанса да бидат избрани за претседател, односно да освојат 270 делегати во Изборниот колеџ. Чејс Оливер, сметководител од Џорџија, е кандидат на Либертаријанската партија и за него може да гласаат Американците во сите сојузни држави. На гласачките ливчиња во 38 сојузни држави е и кандидатката на Зелената партија, лекарката Џил Стејн од Масачусетс, со право нејзиното име да го допишат на списокот гласачи во уште седум сојузни држави.
Епизодни улоги
Епизодна улога, со право да бидат кандидати во неколку сојузни држави и без шанса да стигнат до 270 електори во Колеџот, имаат кандидатите Питер Сонски од Американската солидарна партија, Блејк Хјубер од Партијата за гласање за одобрување, Рендел Тери од Уставната партија, Џоел Скоусен од Независната американска партија, Мајкл Вуд од Партијата за прохибиција, Клаудија де ла Круз од Партијата за социјализам и ослободување, Џозеф Кишори од Партијата за социјалистичка еднаквост, Рејчел Фрут од Социјалистичката работничка партија и Билд Стоден од Социјалистичката партија на САД. Меѓу независните кандидати се истакнуваше академикот и антивоен активист Корнел Вест.
Гласовите што ги добиле овие единаесетмина традиционално се сметаат за „фрлени во бунар“, бидејќи не завршиле за двајцата главни кандидати, во неверојатно тесна битка.
Основачите на САД, вклучувајќи го и Џорџ Вашингтон, не ги заборавиле политичките партии кога го пишувале Уставот, туку намерно ги избришале, страхувајќи дека нивните меѓусебни битки би можеле да водат кон тиранија. Наспроти тоа, речиси веднаш се создале две политички групи со спротивставени ставови за федералната моќ. На чело на федералистите бил Александер Хамилтон, а на чело на антифедералистите бил Томас Џеферсон.
Токму победата на Џеферсон против Џон Адамс во 1800 година го означила колапсот на федерализмот, но и подемот на Демократско-републиканската партија. Со времето природно се јавиле и нејзини противници, партијата се развивала и реформирала, сѐ до половината на 19 век, кога веќе јасно се издвоиле двете опции што опстанале до денес – „Старата добра партија“ (ГОП), како што денес ја нарекуваат републиканската, и демократската.
Гласови во бунар
Нивното ривалство полека ги исфрлало другите партии, бидејќи на изборите се покажувало дека гласовите за маргиналните партии всушност биле „фрлени во бунар“. Тоа е генерирано од изборниот систем „победникот зема сѐ“ – кандидатот што ќе освои најмногу гласови во која било изборна единица има право на сите нејзини делегати. Во таков систем, мала партија што би освоила и 25 отсто од гласовите не само што никако не може да има силен кандидат за претседател, туку и практично не може да добие ниту еден делегат во Изборниот колеџ.
На малите партии и независните кандидати не им се даваат шанси ни да освојат место во Сенатот и во Претставничкиот дом. Исклучок се поранешни конгресмени или гувернери што биле кандидирани од републиканците или од демократите, но решиле во политичката кариера да продолжат како независни.
„Осудени“ на неуспех, малите партии и независните кандидати немаат никаков интерес да организираат и да водат предизборни кампањи, зашто не можат да го издржат финансискиот товар. Некои, сепак, свесно вложуваат во кампања решени пред крајот на трката да се повлечат и да поддржат некој од двајцата главни кандидати, очекувајќи „соодветна благодарност“.
Обединетото Кралство, кое имаше сличен систем, успеа да се извлече од спиралата на бинарни избори. Појавата и подемот на Лабуристичката партија во Британија полека ја истисна Либералната партија од Парламентот, но таа се задржа како трета опција.
Нема преговори за коалиции
Двопартискиот систем, сепак, има голема предност при создавањето влада. Во Америка, земја со претседателски систем, тоа е уште поедноставно – претседателот формира администрација, а неговата моќ е зајакната или е ограничена во зависност од тоа која партија го има мнозинството во Претставничкиот дом и во Сенатот. Едната партија е на власт, а другата во опозиција.
Процесот се одвива побрзо и поефикасно, бидејќи нема потреба од долгите и тешки преговори за партиски коалиции, присутни во земјите со повеќепартиски системи. При политички расцепкани резултати, како во актуелниот случај со Бугарија, процесот на создавање сојузи за да се стигне до мнозинство може до недоглед да завршува без успех, поради што граѓаните се принудени да гласаат на вонредни избори по неколку пати во календарска година.
Бинарниот систем, барем во теоријата, би требало да го смири анимозитетот на политичката битка, бидејќи и двете партии со релативно подеднаква гласачка база, треба да понудат политики што би ги привлекле неопределените гласачи, со цел да стигнат до потребното мнозинство. Тоа би значело дека партиите меѓусебно се приближуваат, па и промената на власта не би требало да е многу радикална.
Сегашната поларизација на гласачкото тело и жестоките препукувања помеѓу републиканците и демократите може да се смета за исклучок.