Во 2020 година помал профит од храна за најмалку 41 отсто

Земјоделско-прехранбениот сектор се проценува дека 2020 година ја завршил со помал профит од 41 до 60 проценти. Големи загуби овој сектор имаше уште со самото појавување на пандемијата. Во првиот квартал од 2020 година, во споредба со првиот квартал од 2019, тие се проценети меѓу 22 и 40 проценти. Високи 50,98 отсто од претпријатијата во земјоделско-прехранбениот сектор се сочуваат со откажување или одложување на склучени нарачки!

Овие податоци ги презентираше Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија, кој за МИА рече дека најголемите предизвици со кои се соочуваше земјоделско-прехранбениот сектор во изминатиов период се однесуваа на организација и логистика на увозот и извозот, како и организација на тековните земјоделски и производствени процеси кај претпријатијата поради ограниченото работно време и движење што се случуваше оваа пролет во земјава.

Според земјоделците и науката, корона-кризата ги извади на површина слабостите и ги продлабочи децениските проблеми.

– Глобалната криза всушност ги продлабочи проблемите со кои и онака се соочуваат земјоделците, посебно тие што се на работ на одржливост. Уште еднаш покажа дека малите производители се најранливата категорија, бидејќи истовремено мора да се справат со шокот предизвикан од пандемијата, како од здравствен, така и од економски аспект. На самиот почеток се создадоа проблеми во дистрибутивните канали, се зголеми невработеноста во руралните средини поради стравот на населението како ќе се справи ако евентуално заболи од ковид зашто инфраструктурата е лоша, нема болници и амбуланти во селата. Ние ги детектиравме овие слабости преку теренски анализи и укажавме дека пандемијата направи драстичен пад на цените на одделни производи како што се јагнето, зелката, па потоа грозјето, а сега и тутунот – вели претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска.

Таа рече и дека Федерацијата побарала од државата да се воведат ваучери за земјоделците кои не беа опфатени во владиниот антикризен пакет. За земјоделците регистрирани согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, пак е побарано  да бидат вклучени во мерките за плата и поволните кредити преку Македонска банка за поддршка на развојот.  Според Мојсовска, потребно е да се работи на развивање на пазарот на кредити, како и на факторинг и лизинг услугите во земјоделството. Особено е изразена потребата од воспоставување државен гарантен фонд и кредити димензионирани за малите фармери, а треба да се размислува и за поддршка на воспоставување земјоделски кредитни унии (задруги), кои ќе овозможуваат капитал за своите членови.

– Ковид-19 предизвика затворање на вообичаените канали за продажба поради што некои земјоделци ги продадоа производите директно на трговци по пониски цени, дел од вишоците се фрлени, а дел се оставени на нива. Во сточарството, грлата наменети за продажба се задржани за приплод или за продолжено гоење. Ваквата ситуација ги поттикна земјоделците да размислуваат за нови стратегии, канали и инвестиции кои ќе им овозможат продажба – вели Мојсовска.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, најави 150 милиони евра субвенции, но и интервентни мерки онаму каде што ќе се оцени дека има потреба.

Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека за земјоделството е многу важно отворањето нови пазари.

– Се бориме на дополнителни европски пазари, се бориме исто така и на рускиот пазар за да создадеме конкуренција за тоа кој ќе го купи земјоделското производство, а тоа само по себе ќе си донесе подобро платен производ – рече Заев.

Земјоделството учествува со 10-12 отсто во домашниот БДП, но има огромен потенцијал за раст и можност за голема додадена вредност.

Прометот со храна во ноември намален за 9,9 отсто

Ако се земе предвид инфлацијата, прометот со храна, пијалаци и тутун, во ноември 2020 година, во однос на истиот месец од 2019 година е намален за дури 9,9 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Ова е поразителен податок, што укажува на тоа дека населението значително скратило од вообичаената трпеза која ја имало пред ковид кризата.

Уште подраматичен е падот на прометот во секторот „Непрехранбени производи, освен горива“ каде реално, со вклучена инфлација, се потрошени 14,1 отсто помалку пари во ноември лани, во однос на ноември 2019 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот