ВНИМАВАЈТЕ КОМУ ОТВОРАТЕ ВРАТА: Лажен волонтер на Црвен крст собира пари во Аеродром

Денари
Денари / Фото: МИА

Се оградуваме од случајот целосно, затоа што согласно дојавите од граѓаните станува збор за машко лице, кое поседува само членска легитимација и никакво друго обележје, велат од Црвен крст.

Момче на возраст од 23 до 25 години, високо над два метри, облечено со црна зимска јакна и исто такви фармерки, со капа на главата и маска на лицето, ѕвони и тропа од врата на врата во скопската населба Аеродром и бара пари од граѓаните, наводно за потребите на Црвениот крст на Македонија. Непознатиот измамник на лековерните сограѓани им велел дека парите кои ги собира ќе бидат искористени за потребите на децата од оваа скопска општина.

Дел од граѓаните кај кои затропал измамникот, не „паднале“ приказната која им ја раскажал.

– Вчера, во попладневните часови, на врата ни заѕвони момче, невообичаено високо, повеќе од 2 метри, со црна јакна и имаше уредно маска на лицето, а на вратот имаше некаква легитимација, која во темницата не можев да ја прочитам. Рече дека е од Црвен крст Аеродром и дека собира донации за деца. Малку се збунив, ја затворив вратата. Помислив да му дадам пари, ама отпосле си реков, па Црвениот крст има жиро сметка за да собира донации. Ми беше сомително и тоа што немаше униформа каква што имаат волонтерите на Црвен крст – вели за „Слободен печат“ Јована Јанеска од Аеродром.

Нејзината сограѓанка Слободанка Аврамовска, пак, тврди дека му поверувала на момчето и дала скромна парична донација.

– Момчето беше коректно и поверував во тоа што го говореше. Имаше легитимација со фотографија, но искрено не прочитав што пишува. Бидејќи спомена дека собира пари за децата од оваа општина и дека зад истата цел стои Црвениот крст искрено поверував и дадов свој допринос – нагласува Аврамовска.

Засега измамничкиот поход на ова момче не е пријавено во полиција.

Од Црвениот крст на Македонија велат дека согласно планот и програмата за работа за 2022 година Општинска организација Кисела Вода, во месец јануари немала планирани активности на терен во областа на социјално-хуманитарната дејност.

„Се оградуваме од случајот целосно, затоа што согласно дојавите од граѓаните станува збор за машко лице, кое поседува само членска легитимација и никакво друго обележје. Согласно стандардизацијата и унифицираноста на терен, волонтерите и вработените во нашата организација, при организирање на активности од ваков тип се придржуваат строго кон дадени правила на однесување, со соодветно обележје кое вклучува: комплетна униформа и/или елек, легитимација со амблемот на Црвениот крст, соодветна каса за собирање парички средства, промотивен брендиран штанд кој е поставен на одредена локација итн. И во принцип хуманитарните активности се спроведуваат во моловите, со претходно добиена писмена дозвола од надлежните. Принципот „од врата-до врата” собирање парични средства не е својствен за нашето делување, особено не во услови на пандемија со ковид-19 каде водиме максимална грижа за нашите членови и волонтери. Упатуваме апел до ѓраѓаните да бидат внимателни и претпазливи, во однос на тоа на кому ја донираат својата помош, затоа што сѐ почесто се сретнуваме со настани од овој карактер на злоупотреба“, вели Маја Наумовска, ангажирано лице кое работи со волонтерите во организацијата на Црвениот крст на Македонија.

Видео на денот