ВНИМАВАЈТЕ! Лажни доктори рекламираат додатоци за храна како лекови за дијабетес и никој ништо не презема

Profimedia
Фото: Профимедиа

„Секој дијабетичар скапува одвнатре и умира во агонија, спасете се себе си и вашите најблиски“, вака почнува рекламата за препарат кој на интернет се претставува ако лек за дијабетес. На препаратот му се препишуваат многу лековите својства. На амбалажата на препаратот пишува дека е суплемент односно додадок во исхраната, додека во  рекламата цело време се именува како лек. Иако за науката дијабетесот се уште се смета за болест која не се лекува, односно состојба со која може квалитетно да се живее ако добро се контролира, сепак „чудесниот препарат“, ги побива овие тврдења.

„Запомнете, вистината е едноставна, не слушајте никого: може да го излекувате дијабетесот и да го стабилизирате нивото на шеќер во крвта еднаш засекогаш, на која било возраст и во која било фаза од болеста. Во Македонија, започнавме програма преку која секој може да го добие лекот за дијабетес по специјална цена! Заклучено е дека декември и Јануари се најдобро време за да се започне со третман дијабетес. Сега лекот може да го добиете по специјална понуда“, се вели во рекламата.

Во неверојатните ефекти и лековити својства пациентите ги уверува и докторка чие име е Дафина Беловска. Се објавува цело интервју со неа, во форма на прашања и одговори. Докторката се вели дека е ендокринолог од Скопје, со 30-годишно искуство.

Ако се побара на интернет сликата од оваа жена може да се види и на други слични содржини.  Oд Лекарската комора, велат дека ова име го немаат во нивниот регистар на лиценцирани доктори.

Пациентите реагираат и прашуваат каде да се пријават вакви измами. Велат дека лакомоста нема граници и е на грбот на пациентите.

– Некој треба да излезе и да каже дека овие информации не се точни дека ова не е лек и да поведе соодветна постапка за казнување – реагираат дијабетичарите.

Ендокринолозите кои ги консултиравме велат дека не може да навлегуваат во ефектите од користење на овој препарат зошто тоа не е лек.

– Доколку некој се поведе по оваа реклама може да си го загрози животот. Никој, а особено пациенти со хронично заболување не смеат да ја менуваат терапијата без консултација со лекарот кој ги води и кај кој одат на редовни контроли, коментираат лекари.

Од Министерството за здравство, иако три дена чекавме одговор на прашањето дали смее да се пласираат вакви реклами и што ќе преземат за да ги заштитат пациентите, одговор не добивме.

Од Агенцијата за лекови пак само кратко одговараат дека производот Суганорм е додаток на исхрана и не е во регистарот на лекови и не е регистриран ниту како граничен производ, а само тие потпаѓаат под Законот за лекови и медицински помагала.

„Агенцијата нема добиено барање за одобрување на огласување ниту сме одобриле оглас за овој производ”, велат надлежните.

Но останува нејасно, ако ова не е лек, зошто се рекламира како лек и дали Агенцијата или некоја друга институција ќе преземе нешто за оваа реклама да се отстрани и да се санкционираат оној што ја објавува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот