Внимавајте каде се паркирате, „пајакот“ скапо чини!

Подигање неправилно паркирано возило / Фото: ЈП „Градски паркинг“

Паркирањето во Скопје е навистина голем проблем, особено во централниот дел на градот, каде што ниту за тамошните жители нема доволно паркинг-места, па дел од возачите во потрага по слободно паркинг-место, често возилата ги оставаат на „пет минути“ на недозволени места. Но тоа многу често скапо ги чини, затоа што скопските „пајаци“ се постојано „будни“ и подготвени да одговорат на повикот на сообраќајната полиција, на комуналниот инспектор или на пријава од граѓани.

Пајак-службата отстранувањето или преместувањето на непрописно паркираните возила го врши по налог од сообраќајна полиција или по налог од надлежен комунален инспектор. Од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ прецизираат дека понекогаш, по исклучок, кревање автомобил може да се изврши по барање на граѓанин доколку барателот за преместување или отстранување на возилото е корисник на резидентниот паркинг-простор под надлежност на претпријатието и возилото што треба да биде отстрането или преместено не е евидентирано под режимот на возила на резидентниот паркинг, односно нема валидна паркинг-карта.

Кога неправилно паркираното возило е отстрането, сопственикот за да си го врати, ќе мора длабоко да си „брцне во џебот“, затоа што освен казна за непрописно паркирање, треба да плати и за услугата на службата „Пајак“, а доколку не го земе возилото веднаш од депото на ПОЦ, ќе треба да плати и за лежарина на автомобилот.

Според ценовникот на ПОЦ најскапо чини доколку возилото е кренато од означено и резервирано паркинг – мест  за лица со инвалидитет, односно 6.000 денари само за кревањето, а згора на тоа и казната за непрописно паркирање, додека отстранување од зелена површина е 3.500 денари. Преместување на возила со вкупна маса до 2.500 килограми во депо на „Пајак“ служба чини 2.500 денари, а за потешките треба да се плати 3.500 денари. Надоместокот за сместување во депо на подигнати возила, камп и други приколки од јавните површини во Центар, два часа по отстранување, за секој изминат час до 24 часа чини 60 денари, а по ден се плаќа 300 денари.

Но, што се случува доколку сопственикот на неправилно паркираното возило дојде во момент кога пајакот му го крева автомобилот и колкава казна се плаќа доколку возилото не го однесе пајакот? Од ПОЦ велат дека двојна казна се плаќа и во тој случај.

Доколку е издаден налог од овластено службено лице при Министерството за внатрешни работи – Сообраќајна полиција за отстранување или преместување на возилото и постапката за подигање непрописно паркираното возило со специјалното возило „Пајак“ е веќе отпочната, може да се изврши примопредавање на самото место каде што се врши отстранувањето, додека возилото сè уште не е поставено на платформата на специјалното возило. Во овој случај се наплатува казна од 1.500 денари од страна на ЈП ПОЦ и казна од овластеното лице полицаец, која се пишува на самото место. Но, ако е завршена постапката за отстранување и возилото е веќе поставено на платформата на специјалното возило, во тој случај возилото се носи во депото на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и се наплаќа казна според ценовникот – објаснуваат од ПОЦ.

Висината на казните е иста и доколку возилото го отстрани ЈП „Градски паркинг“ од површините што се во негова надлежност.

Ако „пајакот“ го оштети возилото при кревање, следува отштета

Секој ден скопските „пајаци“ креваат возила што се неправилно паркирани низ градот, на месечно ниво по неколку стотици. Но, што доколку при кревање на возилото дојде до негово оштетување, кој ќе ја плати штетата во таков случај?

– ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ има склучено договор за јавно приватно партнерство за вршење јавна комунална услуга отстранување, преместување непрописно запрени и паркирани возила, хаварисани и напуштени возила и нивно чување на подрачјето на Општина Центар. Приватниот партнер со кој имаме склучено договор е одговорен за секоја направена штета при отстранување на возилото и е должен да ја надомести – информираат од ПОЦ.

ЈП „Градски паркинг“, пак, располага со осум сопствени „пајаци“, не користи туѓи услуги, што значи дека евентуалната штета предизвикана при кревање на автомобилот, сами би ја платиле.

 

Видео на денот