Внимателно со трошењето струја, од денеска важи новата повисока цена

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Цената на електричната енергија од денеска е повисока за 9,48 проценти. Оваа цена се однесува на домаќинствата и на 15.000 мали потрошувачи-фирми кои струјата не ја купуваат на слободниот пазар, туку ја набавуваат од „ЕВН хоум“ по регулирана цена. Се укина дневна евтина струја, остана ноќна евтина тарифа и евтина струја во недела.

Цената на електричната енергија стана топ-тема откако на берзите надмина и 300 евра за мегават-час, за разлика од минатата година кога се продаваше по околу 60 евра.

Во креирањето на цената на електричната енергија, најголемо учество, повеќе од 40 отсто, има домашното производство на струјата која преку ЕСМ, по многу преговори во Владата, на тендер се понуди за 13,6 проценти поскапа од сегашната. Во формирањето на крајната цена влегуваат и трошоците на „ЕВН хоум“ и Електродистрибуција – фирми ќерки на „ЕВН Македонија“, како и на државните компании – Националниот оператор на пазарот на електрична енергија и МЕПСО. Овојпат, не влегуваат цените на обновливите извори на енергија.

Владата, непосредно пред донесувањето на одлуката за цената на струјата, донесе измени и дополнувања на уредбата за енергетската криза. Според измените, во услови на кризна состојба на „ЕВН хоум“ му се овозможува да не мора да набавува електрична енергија од повластените производители со цел да се намалат трошоците, затоа нивни крајни потрошувачи се домаќинствата и малите потрошувачи.

„Енергијата, наместо од повластените производители, ќе се обезбеди преку АД ЕСМ Скопје по пониски цени со што се намалуваат факторите кои влијаат на висината на цената на струјата за крајните корисници. Дополнително, имајќи ги предвид високите цени на електрична енергија на отворениот пазар на електрична енергија, количините на електрична енергија од повластените производители ќе се распределат кај сите останати снабдувачи и трговци. Со тоа ќе се зголеми делот од електричната енергија од повластените производители во вкупното портфолио на снабдувачите и трговците, и тие ќе имаат финансиска корист, затоа што просечната цена на електричната енергија од повластените производители во тековниот период е значително пониска од цената на електричната енергија на отворениот пазар“, соопшти Владата.

Министерот за финансии Фатмир Бесими минатата недела рече дека за да се подобри финансиска кондиција на ЕСМ, Владата одлучи да ја докапитализира државната компанија која управува со енергетските ресурси со 10 милиони евра. Минатата година, ЕСМ беше во загуба од 16,8 милиони евра.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот