Внимание: Срча до колена, дебатираа Шилегов и Трајановски!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Долгиот телевизиски дуел (Канал 5) помеѓу актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов и бившиот градоначалник Коце Трајановски е еден од оние медиумски настани од кои немате апсолутно никаква корист, освен да задоволите еден примитивен, сеирџиски нагон, како кога гледате кафеанска тепачка од удобноста на вашиот семеен тросед. Срча до колена, а и половина од инвентарот ќе мора да се обновува.

Го видовме Коце каков што го памтиме: крут, здодевен, интелигентен апаратчик, вреден извршител на налози од „повисоката“ власт, со урбани визии кои прилегаат на надежен раководител на претпријатие за асфалтирање улици.

Го видовме и Петре каков што го знаеме: арогантен, ситничав, лаконски политички циник кој, во меѓувреме, се фатил за работа, што резултира со компетентност за детали од ресорот што го води, но без градоначалничка харизма за ширење инспирација соодветна на еден модерен главен европски град.

Зошто мора СЕКОЈА политичка дебата во Македонија, па и оваа за градот, да биде претворена во улична расправија со засукани ракави? Наместо судир на урбани концепти, ни се сервира судир на сметководствени биланси, со многу алузии за криминали и злоупотреби. Од бивши и сегашни градоначалници на главниот град се очекува и одредено ниво на апстракција на проблемите, расправа за филозофијата на современото живеење, а не само викачки, саморекламерски натпревар за асфалтирани квадрати и насадени тревници. Градоначалникот е како диригент на голем симфониски оркестар кој не е таму само за точно да ги прочита нотите и ритамот во партитурата, туку да го пренесе и своето разбирање на духот на делото.

Скопје е и економски центар на државата и живеалиште на речиси половина од македонското население – стратегијата за неговиот развој не е само прашање на тоа кои автобуси ќе се набават и каде ќе се пробие нова или ќе се крпи некоја стара улица. Каква е бизнис-климата во градот? Се развива ли градот рамномерно? Каков е квалитетот на вкупниот живот, не само оној што може да се квантификува? Кон што се стремиме вертикално, хоризонтално, духовно?

Од Коце Трајановски одговори на овие прашања не добивме, ни по осум години негово градоначалникување. Тој и денеска самиот признава дека дури и во проектите за антиквизација и барокизација на градот, бил само послушен изведувач на работите, фуснота, без право на глас и став, дури и ако ги имал.

Од Петре Шилегов, до сега, добивме најави за крупни инфраструктурни, транспортни и еколошки проекти и испорака на поситни зафати кои го подобруваат живеењето или изгледот на градот. За повеќе од тоа уште чекаме.

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот