Внимание, млади мажи – коронавирусот влијае врз ерекцијата, предупредуваат хрватски лекари

Фото: ЕПА/ЕФЕ

Зголемен е бројот на пациенти, главно млади мажи, кои прележале ковид-19, а потоа се пожалиле дека имаат потешкотии во креветот, изјави за хрватските медиуми сексуалниот терапевт д-р Горан Арбанас, кој има амбуланта во Клиниката за психијатрија „Врапче“.

– Имаме неколку пациенти кои се јавија поради еректилна дисфункција, која е секогаш комбинација на органски промени и психогени причини. Истражувањата покажуваат дека короната може да ги оштети клетките кои влијаат врз ерекцијата. Но, од друга страна, во прашање е нова и смртоносна болест, која создава страв и прави сѐ потешко да се враќаме на секојдневниот живот, па и на сексуалните односи – изјави д-р Арбанас.

Тој вели дека на овие пациенти им се препишува вообичаената терапија за еректилна дисфункција, која дава вообичаено добри резултати.

Во клиничката болница „Сестри милостливи“ исто така се лечат пациенти кои имале ковид а сега имаат проблеми со потенцијата. Важно е да се нагласи дека и кај нив се применува вообичаената терапија, вели д-р Игор Грубишиќ, специјалист-уролог.

– Меѓу пациентите има и многу млади луѓе по околу 20 години, кои инфекцијата со ковид ја издржаа на нога. Тоа би можело да значи дека проблемот со еректилната дисфункција кај пациентите кои прележале ковид-19 не мора да биде поврзан со тешките симптоми или да не ги погодува само пациентите кои завршиле на респиратор и се борат за живот. Но, сѐ уште немаме доволно информации да тврдима дека ковидот е главна причина за овој проблем, вели д-р Грубишиќ.

Видео на денот