Вмровски кобра ефект

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Зарем никој не памети дека секој вмровски „турнус“ на власт е полош од претходниот и остава покатастрофални и понепоправливи последици? Изборите не се избори, кога едната опција е ВМРО, односно дека правото на избор фактички не постои кога едната опција е чистата пропаст.

Терминот „кобра ефект“ го сковал во истоимената книга германскиот економист Хорст Зиберт, во која се занимавал со комплексна анализа на многу политичко-економски одлуки што – целејќи да поправат некои негативни појави – всушност предизвикале неочекувано штетни, неретко и многу, многу полоши последици од оние што сакале да ги поправат. Како инспирација за името на ефектот, на Зиберт му послужила една безмалку перверзна иницијатива на британските власти во времето на нивното колонијално владеење со Индија.

Елем, загрижени за зголемувањето на бројот на отровни кобри на улиците на Делхи, кои предизвикувале сè поголем број смртни случаи на луѓе каснати од змија, властите распишале општ повик со парична награда за секој што ќе донесе мртва кобра. Повикот наишол на позитивен и масовен одзив кај населението, што резултирало со сè поголем број мртви кобри и, се разбира, сè поголем одлив на пари од државната каса за исплата на наградите. Кога бројот на убиени кобри станал сомнително голем на дневно ниво, британските власти решиле да ја истражат појавата и набргу дошле до неверојатно бизарно, но сосем рационално објаснување.

Бизнис со стаорци

Што, всушност, се случило? По распишувањето на наградата за секоја убиена кобра, претприемчивите Индијци основале стотици фарми во кои на безмалку индустриско ниво почнале да размножуваат и да одгледуваат кобри, што потоа ги убивале и од властите ја наплаќале распишаната награда. За да го сотре овој перверзен бизнис, со одлука на британската влада наградата била веднаш укината, што пак предизвикало уште поневеројатен ефект во широката околина на Делхи. Одгледувачите на кобри што останале без пласман на својата „стока“, ги затвориле фармите и кобрите ги пуштиле на слобода. Крајниот резултат бил што бројот на кобри и на смртни случаи десеткратно се зголемил!

Не знам дали да раскажувам за уште некој од буквално бескрајната листа појави на „кобра ефектот“, што луѓето, владите и општествата ги направиле само во последниот век? Добро, ме кандисавте: следниот случај е безмалку идентичен со претходниот, но за среќа повеќе е смешен отколку смртоносен. Се случил во Виетнам, во градот Ханој, 1902 година, во време на француското колонијално владеење со тогашната Француска Индокина. Почнало на ист начин: поради огромниот број стаорци во ханојската канализација, кои веќе почнале да ги тероризираат жителите на градот, француските власти распишале награда за секој убиен стаорец, што се докажувало со приложување исечен опаш од мртвото животно. Бизнисот почнал да „цвета“ и со стаоречки опашки, додека властите не забележале дека со зголемувањето на бројот на исплатени опашки, не само што се зголемувал и бројот на стаорци во градот, туку е забележан и сè поголем број живи и здрави стаорци што шетале по градот без опаш! Решението на загатката веќе ви е позната, почитувани читатели, а тоа е општочовечкото својство за економски „рационално“ однесување, за постапување без да се води грижа за идните или за пошироките последици од стореното. Така и ханојците, препознавајќи го бизнисот со стаоречки опашки како долгорочна економија, ги ловеле стаорците, им ги сечеле опашките за наплата, а глодарите ги пуштале назад во канализација, за да се множат уште повеќе и да ја обезбедат иднината на новата и вносна „обновлива“ економија. Крајниот резултат бил, се разбира, укинување на „бизнисот“ и повеќекратно зголемување на бројот на стаорци во Ханој (од кои извесно време по настанот се издвојувале примероците за „расплод“ што се шетале бесрамно по улиците на градот без опаш).

Да, не е потребно да ви раскажувам повеќе змиски или стаорски примери, почитувани читатели, за да го отсликам безнадежно повторливиот „кобра ефект“ со македонската повеќепартиска демократија. Воведувањето на бизнис ориентирана и нерегулирана повеќепартиска демократија во Македоња, во која една од партиите во изборните трки е ВМРО е – во својата суштина – „кобра ефект“, во кој последиците од секој вмровски „турнус“ се повеќекратно полоши од претходната ситуација. Неколку претпоставки се константа во оваа бескрајна низа изборни кругови што – сите со најдобри демократски цели – на крајот произведуваат сè покатастрофални последици за македонското општество.

Кобра ефектот е, всушност, парадигма за прастарата изрека дека патот кон пеколот е поплочен со добри намери. Повеќепартискиот натпревар и можноста за слободни избори се, секако, измислени со добра намера. Меѓутоа, кога ќе го комбинирате овој општ изборен систем со фактот дека една од партиите – ВМРО – е смртоносна за изборите, за слободите, за човековите права, за имотот, за јавните добра и за Македоња во целост и кога на ова ќе го додадете кусото паметење на Македонците (кое очигледно не може да се протегне ни неколку месеци наназад), добивате механизам на општо влошување на состојбите што – најмногу поради својата инхерентна кусогледост и неможност да се предвидат последиците – може да се подведе под општиот назив „кобра ефект“.

Шанса да се поправат штетите

Зарем никој не памети дека секој вмровски „турнус“ на власт е полош од претходниот и остава покатастрофални и понепоправливи последици? Власта на Љубчо Георгиевски заврши со многу пострашни последици од онаа на Никола Кљусев, а онаа на Груевски ја разнебити самата суштина на македонското општество и култура. Зарем никој веќе тоа не го памети? Зарем никој веќе не памети дека сите свои турнуси на власт СДСМ ги потроши – очигледно безуспешно – обидувајќи се „да ја врати во шини“ македонската композиција и да ги поправи штетите што и ги остави вемерето? Како и ќе паметат нешто постаро од месец дена, луѓе што мислат дека демократијата почнува со секоја нова изборна кампања и дека изборите воопшто и постојат за тие да можат да го искажуваат своето моментно расположение и незадоволство: право што им е овозможено само кога е СДСМ на власт. Како тие, кутрите, ќе запаметат дека демократијата во Македоња не е можна додека ВМРО е политичка партија. И дека изборите не се избори, кога едната опција е ВМРО, односно дека правото на избор фактички не постои кога едната опција е чистата пропаст. Која тие ја заборавиле!

Но, доста со ламенти за изгубениот македонски разум! Има ли шанси за делумно поправање на последиците од „кобра ефектот“ од првиот круг на локалните избори – во вториот круг? Има, доколку во Македоња постојат уште луѓе што можат да се сетат на настаните од пред некоја година, и што можат да го „протегнат“ умот некој ден нанапред, замислувајќи ги последиците од своето кратковидо импулсивно гласање. Има, доколку уште има луѓе што се способни да сфатат дека – барем во македонскиот политички кампус – секое гласање за „трета“ опција сè уште е гласање за смртоносното ВМРО. Станува збор, всушност, за невозможното: за тоа дека „добронамерните“ што сакаат да ѝ испратат катил ферман на СДСМ, треба да сфатат дека сите нивни „пораки“ се само утврдување на вечниот принцип на вмровскиот „кобра ефект“, и ништо друго.