ВМРО на Ванчо Михајлов и усташите на Анте Павелиќ (1)

Поврзаноста на Ванчо Михајлов со атентатот во Марсеј / Колаж: Слободен печат - Иван Самарџиев

Во 1930 година Анте Павелиќ и неговата усташка организација им помагнале на ВМРО во набавка на илјада автоматски пушки од фабриката „Хајнрих Фолмер“.

Поврзаноста на ВМРО со германските и италијанските ревизионистички кругови се случува многу пред атентатот во Марсеј, односно речиси од самиот почеток на сопственото создавање по Првата светска војна. Политичка поддршка, но и директна финансиска и логистичка поддршка, автономистичката ВМРО уживала од италијанските ревизионистички кругови уште од 1922 година. Како што пишува германскиот познавач на историјата на Македонија Стефан Требст во својата статија „Фашистичка Италија и ВМРО (1922 – 1925)“, со оваа поддршка италијанските тајни служби и ревизионистичко-фашистичките кругови, преку влијанието врз автономистичката ВМРО, настојувале да влијаат и врз настаните на Балканот и да подготват услови за сопствениот геостратегиски продор во тој дел од Европа.

Помеѓу видни членови од раководството на ВМРО и нацифашистичките кругови во Германија, контакти имало уште кон крајот на дваесеттите години на 20 век. Тие контакти биле врз основа на антикомунизмот и потребата од „ревизијата“ на мировните решенија од Версај. За германското и италијанското оружје испраќано за ВМРО во Бугарија сведочи, на пример, едно писмо од германскиот конзул во Трст од 10 јануари 1928 година, во кое тој го известил своето Министерство за надворешни работи дека на 2 јануари 1928 година, една поголема пратка со оружје за ВМРО со брод заминала кон Бугарија. Всушност, ваквите врски не зачудуваат, ако се има предвид дека и официјална Бугарија негувала блиски сојузнички врски со Германија. Царот Борис на 13 април 1929 година бил во посета на официјален Берлин, а по само десетина дена Павелиќ и неговиот заменик Перчец биле во Бугарија на средба со Ванчо Михајлов, што упатува на заклучокот дека нивната соработка била по инструкции на бугарските и германските тајни служби.

Германска врска

Евалд Роберт Валентин фон Масов

Еден од главните промотори на ВМРО во нацистичките кругови бил генералот Масов, претседател на Германско-бугарското друштво за пријателство, соработник на германскиот Абвер и од 1929 година и еден од најблиските соработници на Химлер за балканските прашања. Инаку, Евалд Роберт Валентин фон Масов (1869 – 1942) бил правник по образование и германски генерал-мајор. Од 1911 година бил офицер во германскиот царски генералштаб. За време на Балканските војни бил испратен во Главниот штаб на Бугарската армија. Во текот на Првата светска војна ја координирал помошта од германската за бугарската војска. Откако Нацистичката парија ја презела власта, тој бил назначен за раководител на Германската служба за академска размена (Deutschen Akademischen Austauschdienstes, DAAD). Во мај 1939 година бил одликуван како почесен доктор на науки на Универзитетот во Софија.

 

Соработката на михајловистичката ВМРО со профашистичките ревизионистички европски сили најмногу се гледа во блиските врски со хрватското усташкото движење. Имено, на 20-21 април 1929 година во Софија пристигнале во „официјална посета“, односно со знаење и дозвола на бугарските државни и разузнавачки органи, Анте Павелиќ и неговиот заменик Август (Густав) Перчец. Тие се сретнале со Ванчо Михајлов, кој стоел на чело на едното од двете спротивставени крила на ВМРО, и потпишалe договор за заедничко дејствување против Југославија. Фактички, по разговорите во Софија јавно било прокламирано дека „невозможниот режим на кој се подложени Хрватска и Македонија бара од нив еднакво да ги координираат активностите за да ги освојат човековите и националните права, политичката слобода и целосната национална независност на Хрватска и Македонија“.

Нешто подоцна, на 17 август 1929 година, Перчец и Павелиќ биле „во отсуство“ осудени на смрт од Судот за заштита на државата во Кралството Југославија.

Мијо Бабиќ, Владо Черноземски и Звонимир Поспишл во логорот „Јанка Пуста“

Експерт за „пеколни машини“

Во 1930 година Анте Павелиќ и неговата усташка организација им помагнале на ВМРО во набавка на илјада автоматски пушки од фабриката „Хајнрих Фолмер“. Дека ВМРО добивало шверцувано оружје од нацистичка Германија со бродови што тргнувале од Трст и стигнувале до Бургас, јавно сведочел и некогашниот бугарски премиер Кимон Георгиев, а за тоа има повеќе потврди и во изворната документација од тој период. Од своја страна, ВМРО во Виена го испратила Стојан Бетувски од селото Неманци, Штипско, како специјалист за „пеколни машини“, ставен на располагање на Густав Перчец за потребите на усташката организација.

Јелка Погорелец, тајниот агент кој го уништи логорот „Јанка Пуста“

Во 1931 година Кирил Дрангов се нашол како инструктор во усташкиот логор во Јанка Пуста во Унгарија. Кирил Дрангов најнапред бил инструктор во усташкиот логор во Борготаро, Италија. Мусолини кон средината на 1932 година решил да преземе одредени чекори за подобрување на односите со Југославија, па затоа италијанските власти го затвориле овој усташкиот камп, а нов камп за обука на приврзаниците на хрватската паравоена Усташка организација бил создаден во Унгарија. Кирил Дрангов бил инструктор за терористички акции и во овој нов усташки логор.

Кампот „Јанка Пуста“ (на унгарски: Janka Puszta) се наоѓал на 8-9 км од границата со Југославија, во близина на градот Велика Канижа. Усташите го сместиле овој камп на една фарма што ја купил Густав Перчец за оваа намена во 1931 година. Тој бил и началник, односно раководител на кампот. Заедно со него, како секретарка и негова љубовница, во логорот била присутна и Јелка Погорелец. Таа, всушност, била уфрлен агент на српските односно југословенските тајни служби. Откако добро проучила што се случува во Јанка Пуста, една ноќ Погорелец тајно ја преминала границата. До октомври 1933 година, по инструкции на српските разузнавачки и контраразузнавачки служби, таа објавила низа написи во загрепскиот весник „Новости“ и брошура со наслов: „Тајните на криминалните емигранти – исповедта на Јелка Погорелец за Густав Перчец и неговите другари, кои работат во туѓа служба против сопствената татковина – Ужасите на Јанка Пуста“.

(продолжува во неколку дела)

ПРОЧИТАЈТЕ ГО ВТОРИОТ ДЕЛ:

Бегството на Михајлов од Бугарија со фашистичката помош и ликот на Владо „Шоферот“ (2)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот