ВМРО-ДПМНЕ: Заеви во 2014 година се снимени во изборен криминал

Фото: МИА

Поранешниот премиер Зоран Заев вчера ги негираше ваквите обвинувања од страна на опозициската партија.

Во соопштението на ВМРО ДПМНЕ се вели дека Зоран Заев со посебни истражни мерки и во 2014 година е снимен како врши кривично дело.

– Постојат разговори во Јавното обвинителство во кои Зоран и неговиот брат Вице Заев организираат злосторничко здружение кое е инволвирано во изборен криминал. Целата македонска јавност имаше по кој знае кој пат да го види вистинското лице на аболицираниот криминалец Зоран Заев. Италијанскиот медиум „Ла Верита“ уште еднаш го откри криминогениот карактер на Заев. Зоран Заев во 2014-та година како лидер на СДСМ и градоначалник во Струмица заедно со неговиот брат Вице биле директни учесници во изборна корупција, изборен поткуп, закани, уцени и притисоци. Со еден збор биле дел од изборен криминал, дело кое не е застарено. Зоран и Вице Заеви договараат одмазда кон неистомислениците и поткуп за оние кои се согласуваат да свиткаат кичма. Пред само неколку дена беше објавена и целосната снимка за случајот „Поткуп“ која потврди дека Заев барал стотици илјади евра од струмички бизнисмен за работа која како градоначалник била негова работна обврска“, се вели во дописот од најголемата опозициска партија.

По најновиот напис на италијанскиот весник „Ла верита“ во кој се обвинува лидерот на СДСМ, Зоран Заев за учество во изборни нерегуларности во 2014 година, поранешниот премиер вели дека тоа било една од алатките за атакување на опозиционерот Заев во тоа време кога, како што рече, не ги признале изборите.

– Ако имале какви било докази, верувајте во 2014 година со целата сила на ВМРО-ДПМНЕ, Заев ќе го осуделе. Значи тие немаа никакви докази, дури не отворија ни обвинителен акт заради тоа што немаше. Таму каде што се трудеа тоа да го претстават пред јавноста еве до крај со обвинителни акти за поткуп, за сите тие други предмети што ги водеа против мене, како што беше прислушувањето и слично, овде немаа ништо, беше една фама што ја создаваа се со цел да се оцрни тогаш лидерот на опозицијата Заев, а никако не можеа ниту да заокружат што било, каков било наратив да поднесат дури обвинение – изјави Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот