ВМРО-ДПМНЕ „влегува“ во Судскиот совет

Гласање за член на Судскиот совет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Данка Ристова, сопруга на актуелниот градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, наскоро ќе седне во Судскиот совет на местото на Лорета Горгиева, сопруга на пријателот и советник на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Ристова во средата, исто како и Горгиева, беше избрана од редот на судиите од апелациското подрачје Штип и во конкуренција со уште четворица колеги судии доби најмногу гласови. Од вкупно 40 гласачи судии во оваа изборна единица, Ристова добила 27 гласа, додека другите имале по неколку гласови.

Според официјалната биографија, Ристова работното искуство го започнала во 1989 година како приправник, а потоа и како стручен соработник во Јавното правобранителство во Радовиш.

За судија во Основниот суд во Радовиш е избрана во 1997 година каде што работи на кривична и прекршочна материја. Во 2009 година кога на власт беше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ, избрана била за претседател на Основниот суд Радовиш, а веќе следната година е унапредена во Апелацискиот суд во Штип. Во нејзината официјална биографија не пишува, но Ристова откако беше избрана, стана најпозната како сопруга на првиот човек на Радовиш избран за градоначалник во 2021 година од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Кога Горгиева беше избрана за член на Судскиот совет, сегашниот премиер, а тогашен опозиционер, Христијан Мицкоски, критикуваше дека таа седнала на ова место затоа што е сопруга на човек близок на Заев. Со денови се држеа партиски прес-конференции за судството во пупките на СДСМ.

– Дека нејзиното напредување во кариерата се должи единствено на тоа што е сопруга, потврдуваат и написи и оценки од минатото, кога со судството и Советот раководеше и ги тресеше, Ленче Софрониевска. И тогаш, токму на инсистирање на Заев како нов градоначалник на Општина Струмица и на Цветанка Иванова, тогаш висок партиски функционер и пратеник во Собранието, само таа, сопругата на компањонот на Заев, морала да биде избрана за судија. И затоа сега, ќе ја прочитам тогашната оценка на проф. Ѓорѓи Марјановиќ, кој за изборот на Лорета Георгиева напиша: „Има ли нешто попонижувачко за една жена, некој да сака да ја направи судија не заради нејзините стручни квалитети туку затоа што му е сопруга на човек што му помогнал на некој си Зоран Заев да стане градоначалник на Струмица?“, коментираше партискиот портпарол, Наум Стоилковски.

Професионални кадри

Сега опозициските СДСМ и Левица обвинуваат дека се враќа „сваровски“ судството.

– Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано, се прави и сега. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство, кое нема да им служи на граѓаните туку на нивните интереси – рече Богданка Кузеска од СДСМ, за изборот на Данка Ристова.

Левица, пак, контроверзниот избор го гледа како враќање на тефтерчето на Заев повторно во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

– Оваа одлука го демонстрира истиот шаблон на поставување партиски кадри во клучните правосудни тела, а со цел цементирање на политичката контрола и обезбедување комоција во криминалното владеење. Овој избор доаѓа во време кога премиерот Мицкоски најавуваше сериозни реформи, дури и распуштање на Судскиот совет поради неговото катастрофално работење. Очигледно Мицкоски ќе продолжи да го зајакнува системот што го критикуваше – порачаа од Левица.

Но, сега за ВМРО-ДПМНЕ, ако сопругата на пријателот на Заев беше партиски избрана, сопругата на вмровскиот градоначалник е докажан професионалец, избрана со мнозинство гласови на непосредни избори, каде што гласале судии.

– Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, како и сите градоначалници, има јасно дефинирани ингеренции поврзани со локалното управување и решавање на секојдневните проблеми на граѓаните на својата општина. Тврдењата дека тој на кој било начин може да влијае врз институција како Судскиот совет, која е независно тело, се само уште еден доказ за очајот на СДСМ и нивната потреба да фабрикуваат скандали – сметаат во ВМРО-ДПМНЕ.

Горгиева го завршува мандатот, но во јавноста ќе остане запаметена по нејзините говори во кои го бранеше нејзиниот сограѓанин, сега веќе осудениот судија Наќе Георгиев. За него имаше претставки до Судскиот совет дека врши притисоци и наплаќа за граѓански и кривични предмети, но пред Судски остана „чист како солза“, благодарение на мнозинството што ја разреши Весна Дамева.

Претставките беа пратени во Обвинителството, за потоа Георгиев да биде фатен како зема мито од 10 илјади евра. Но, спорниот избор на Ристова беше засенет со вечерното влегување на полицијата во Судскиот совет. Телевизиски екипи се собраа пред Советот со известувања дека се прави претрес во Судскиот совет за евентуално сторено кривично дело поврзано со мандатот на Весна Дамева, која поднесе оставка на 2 декември кога обелодени за закани и притисоци од страна на извршната власт на чело со Мицкоски.

Нов партиски член и во Обвинителскиот совет

По објавите за претреси во Судскиот совет, институциите излегоа со соопштенија дека всушност не станува збор за претрес што се врши единствено со налог на суд, туку постапување по известување од Министерството за внатрешни работи во кое е побарана наредба од скопското Обвинителство за да се обезбедат два записници од седница на Судскиот совет во врска со мандатот на Дамева. Според нашите информации, одземени биле записници од колегиуми, состаноци, кои немаат правно дејство.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во тек е предистрага.

– Одземено е тоа што треба да се земе, во моментов има предистрага, нема што да се каже, кога ќе заврши сѐ, ќе информираме. До кога ќе трае и тоа не се знае – велат од МВР.

Одземањето на записниците следува по оставката на Дамева и изјавата на Мицкоски дека добива информации за проблеми во Судскиот совет. Тој спомена дека има групи што фалсификуваат документи со различни датуми и печати, без потписи. Вчера Мицкоски рече дека во Судскиот совет постојат сомневања за големи злоупотреби што се правени во изминатиот период.

– Конкретната акција од вчера е, како што кажавме, со цел да се потврди основаното сомневање за фалсификат на записници од работата на Судскиот совет, преку кои практично се манипулирала волјата и мислењето на членовите на Судскиот совет од страна на поединци. Очекувам дека и тоа многу скоро денеска ќе биде расчистено – рече Мицкоски, кој не го искоментира изборот на новата членка на Советот.

Тој досега не го искоментирал ниту изборот на новиот член на Советот на јавни обвинители, Ардијан Демири, сопартиец на Изет Меџити, лидер на Демократското движење дел од владејачката коалиција Вреди. Иако предлогот Демири да биде член на Советот прво беше повлечен, сепак се најде на собраниска седница, на која беше изгласан со 49 гласа „за“ и четири „против“.

Самиот Меџити го претстави Демири на социјалните мрежи како координатор на партијата во Струга.

И покрај новите партиски членови во Советите, Мицкоски уверува дека ќе ја врати довербата на граѓаните во судството.

– Тоа важи за сите што правеле криминал порано, но и за сегашните што мислат дека можат да ја изиграат правдата – рече Мицкоски.

Повлечен предлогот за избор на членови на обвинителскиот совет – Иџет Мемети требаше да биде заменет со партиски кадар на Изет Меџити

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот