ВМРО-ДПМНЕ тактизира со учеството во тимовите за преговори со ЕУ, ниту прифаќа, ниту одбива – Слободен печат
ВестиМакедонија

ВМРО-ДПМНЕ тактизира со учеството во тимовите за преговори со ЕУ, ниту прифаќа, ниту одбива

Ние имавме понуда за соработка, но таа не е без рок, велат од опозицијата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ја одбива, но не ја ни прифаќа понудата на Владата да биде дел од преговарачката структура која ќе ги води пристапните преговори за членство во ЕУ. Упатените коментираат дека дури и да се вклучи опозицијата најголем предизвик да се справи со обврските и одговорностите ќе падне на Секретаријатот за европски прашања.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски вели дека тоа што било кажано на вчерашниот брифинг за новинарите, не го сметаат за понуда.

– Кога и ако добиеме било каква понуда да се вклучиме во преговорите ќе ја разгледаме со сериозност, а потоа ќе кажеме дали е прифатлива или не – вели Стоиловски.

Минатиот месец, партискиот лидер Хриситјан Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ го нуди целиот свој потенцијал да работи со Владата на СДСМ се со цел надминување на сите пречки кои стојат на патот за Република Македонија барем во октомври да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Од партијата велат дека, иако тие давале понуди за соработка, сепак, поминало многу време без одговор од другата страна, а нивните понуди не се без рок. Поради, тоа, како што неодамна најави и партискиот лидер Христијан Мицкоски, понудата за соработка веќе не важи.

– Оваа понуда не беше со неограничен рок. Таа сега престанува да важи. ВМРО-ДПМНЕ ќе си го фати својот пат, да ги убедуваме нашите партнери од сестринските партии да го поддржат датумот за отпочнување преговори на Македонија со ЕУ – рече Мицкоски

Вчера вицепремиерот Бујар Османи рече дека Владата не сака да го присвои процесот и затоа на опозицијата и понуди да има своите преставниците во 35 работни групи, за секое поглавје посебно.
Невладините кои работат на прашањата поврзани со ЕУ чекаат одлуките на Владата за формирање на преговарачката структура да бидат објавени за да може да ги кажат своите забелешки

– Врз основа на искуствата од другите земји, како и нашата досегашна институционална структура останува предизвикот да се координира Секретаријатот за европски прашања (сега за преговори) со канцеларијата на главниот технички преговарач која е кај премиерот. Воедно, недостасуваат информации веќе подолго време во однос на вклученоста на Законодавниот дом и неговата улога во креирањето и усвојувањето на позициите. Во секој случај, овие моменти дополнително ќе се дефинирааат, но останува предизвикот за моделот да обезбеди вклученост од една страна, но и доволно брз проток на документите и процес на одлучување од другата страна – вели Симонида Кацарска од ЕПИ.

Таа потенцира дека преговорите треба да се водат транспарентно и со вклученост на сите засегнати страни (граѓански организации, академија, бизнис заедница итн).

– Клучно за моделот, според мене, ќе биде да обезбеди и канали за вклученост, но и доволна транспарентност на информациите за да овозможи канали преку кои процесот ќе биде достапен за сите овие чинители, но и за општата засегната јавност – вели Кацарска.

Според неофицијалните информации, нови вработувања не се планираат, експертите ќе бидат ангажирани согласно потребите на друг начин. Проблем може да се јави во тоа што Секретаријатот за европски прашања презема голем број обврски во процесот на кои може да има проблем да одговори, поради што, како подобро решение, се споменува тоа, поголема улога да им се даде на министерствата.

Очекувањата на Владата се датум за преговори да се добие во октомрви, а до крајот на годината формално да почнат преговорите за членство во ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close