ВМРО-ДПМНЕ: Тачела коалиција од криминал и тендери; СДСМ: Неспособните Мицкоски и ДПМНЕ се изживуваат врз граѓаните

Протест на приватниот автобуски превозници/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

На СДС побитни им се криминалот и тендерите во 4 очи, отколку Скопје и скопјани и затоа не бараат оставка од Данела Арсовска. Доколку СДС сакаат решавање на проблемот со блокадите и хаосот во Скопје, ќе побараа оставка од Арсовска, ќе и ги одземеа ингеренциите и ќе го подмиреа долгот кон приватните превозници, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Јасно е дека СДС не сакаат решение на проблемите, решавање на хаосот со блокадите во Скопје, бидејќи се креатори на овој хаос преку монструозната коалиција помеѓу Данела Арсовска и Димитар Ковачевски.

Лепакот на коалицијата Тачела се криминалните тендери, провизии и пљачкањето на скопјани. Неколку дена молк од СДС, Ковачевски и Арсовска, дали се договорени со бугарска компанија да го превземе приватниот градски превоз, и дали автобусите веќе се стасани и се кријат во близина на главниот град. Нема ни збор за штетниот договор за набавка на гориво за Јавното сообраќајно претпријатие од пратеник од власта, во која не е вклучен попустот, и се врши проневера од неколку стотици илјади евра. Целото безредие во Градот Скопје е дело на Данела Арсовска, СДС, Левица и ДУИ кои се во неформална коалиција. За секој штетен договор, за секој криминал од оваа крими коалиција Тачела ќе има ревизија, се додава во соопштението.

Во реакцијата на СДСМ се апострофираат Христијан Мицкоски и ДПМНЕ, кои треба да најдат решение за проблемот што го создадоа со блокадите на Скопје, кои со денови им го загорчуваат животот на граѓаните.

Делумно повлекување на блокадата во главниот град не значи и решение за колапсот на јавниот превоз во Скопје кој го создаде неспособната ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалничката, претседателот на Светот, мнозинството во Советот на Град Скопје, директорите и членовите на управните одбори на јавните претпријатија во Скопје сите се кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, во Белиот дворец наместо да играат игри, наместо да измислуваат конструкции и да ја избегнуваат одговорноста, треба да седнат и да најдат решение за колапсот на сообраќајот во Скопје.

Доста беше изживување врз граѓаните, поради неспособноста на Мицкоски и ДПМНЕ и нивните меѓусебни кавги и пресметки за тендери и провизии, се вели во реакцијата на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот