ВМРО-ДПМНЕ одбива да учествува во подготовка на уставните амандмани, Ковачевски смета и на булдожер-дипломатијата

устав на рм
Фото: МИА

Власта, и покрај одбивањето од ВМРО-ДПМНЕ да делегира свој експерт во работната група за промена на Преамбулата на Уставот, ја остава вратата отворена, но нема да чека бесконечно. Ова вчера го истакна вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, а премиерот Димитар Ковачевски смета и на булдожер-дипломатијата за да стаса до потребните 80 пратенички гласа за измени на Уставот. Во контекст на ваквиот развој на настаните беше и објавената фотографија на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски од пред влезот на ЕУ-Инфоцентарот, иако евроамбасадорот Дејвид Гир не сакаше да коментира, но рече дека имаат редовни контакти со партии и од власта и од опозицијата и додаде дека за пристапниот процес кон ЕУ мора да има согласност меѓу сите политички партии.

Тимот стручњаци што ќе треба да ги подготви уставните амандмани се очекува да биде познат деновиве. Според информации на „Слободен печат“, министерот за правда Кренар Лога веќе се сретнал со професори и со експерти по уставно право, а деновиве официјално ќе побара и шефот на државата Стево Пендаровски да делегира свој претставник во екипата што ќе работи на уставните амандмани.

Тесното раководство на СДСМ, пак, неофицијално синоќа договарало стратегија како ќе ги протурка уставните измени во Собранието, за кои им е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, односно 80 пратеници.

Власта упати јавен повик до ВМРО-ДПМНЕ да учествува во промена на Уставот заради впишување на Бугарите во Преамбулата како услов неопходен за евроинтеграциите.

„Неделава сме во разговори со неколку експерти и деновиве ќе ја официјализираме таа работна група. Повеќето без проблем се нафаќаат да учествуваат во процесот. Остануваме и на првичната идеја партиите да именуваат експерти или претставници на партиите за учество во оваа работна група и секако ќе имаме трпение да номинираат, но нема бесконечно да чекаме“, рече вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

Тој изрази жалење доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не учествува во подготовката на амандманите и повтори дека процесот не го отвораат, бидејќи тоа не е од интерес само на Владата туку дека е интерес на државата.

„Убеден сум дека и во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе што го разбираат ова и нема да дозволат да бидат заложници на антиевропска политика. Јас не гледам причина да не учествуваат, па дури и да се против и да имаат аргументи против, дајте да ги соочиме на маса. Ние ја креираме нашата иднина и ако сами решиме да влеземе во тунел од кој нема излез, тоа ќе биде наша одговорност. Апелирам опозицијата да се вклучи во разговорите, не мора да се согласиме за сè, но битно е да се разговара“, рече Маричиќ.

Гир не откри детали за фотографијата со Мицкоски пред влезот во ЕУ-Инфоцентарот

За формирање на тимот, задолжен да ги подготви уставните амандмани, министерот за правда Лога веќе се сретнал со премиерот Димитар Ковачевски, со вицепремиерот Маричиќ, со првиот вицепремиер Артан Груби и со вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, како и со професори по уставно право. Се очекува експерт за тимот да предложи и претседателот Пендаровски. Дознаваме дека тимот ќе биде комбинација на професори и експерти кои веќе работеле на Уставот, како и млади, но профилирани професори по уставно право.

Неофицијално, уставните измени синоќа биле тема и на најтесното партиско раководство на СДСМ. Договорено било процесот да се одвива во две фази. Во првата фаза ќе се обидат да ги убедат граѓаните и пратениците дека во уставните амандмани нема ништо спорно, додека во втората фаза таргет ќе бидат помалите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ.

Евроамбасадорот Гир, на прашање за фотографија што се појавила во јавноста од лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски како влегува во ЕУ-Инфоцентарот во Скопје, не откри детали. Тој изјави дека имаат редовни контакти со партии и од власта и од опозицијата и рече дека дека за пристапниот процес за ЕУ мора да има согласност меѓу сите политички партии. Според него, целото прашање за уставните измени е суверена одлука што треба да ја донесе државата.

„Ние со сите засегнати страни зборуваме за сите прашања што се релевантни. Но, уште еднаш би сакал да не навлегувам во поединечни детали за разговорите што ги имаме со лидери или членови на политички партии. Доволно е да кажам дека сакаме да ја видиме оваа држава како се движи брзо кон ЕУ. Патот е отворен, сега имаме одлична можност и сега е времето да се искористи таа можност, како што слушнавте од високиот претставник Борел и од комесарот Вархељи минатата недела“, потенцира Гир.

Митева: Дали еден пратеник од ДУИ побарал пари за да гласа?

Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека нема да учествуваат во работната група за уставните амандмани, дека уставни измени во овој парламентарен состав и по диктат на Бугарија нема да се случат и дека целиот процес што го води власта е нелегитимен, бидејќи нема поддршка од граѓаните. Додека се токми тимот за подготовка на амандманите, опозицијата постојано пребројува колку пратеници недостигаат за измени на Уставот.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, на новинарско прашање каков е коментарот на ВМРО-ДПМНЕ за ставот на Груби дека имаат план како да ја придобијат опозицијата да гласа за уставните измени, без притоа да се користат уцени и притисоци и дека работат сите пратеници да гласаат за Уставот, му порача на првиот вицепремиер дека не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, туку да поработи на тоа дали сите пратеници од неговата втора партија, СДСМ, се спремни да гласаат за уставни измени.

„Груби да поработи на тоа дали сите пратеници од неговата втора партија, СДСМ, се спремни да гласаат за уставни измени. И, еве, прашуваме дали тројца пратеници од Првата и Втората изборна единица кажале дека ако е на маса ова, тие нема да гласаат, дали пак шест пратеници од внатрешноста на СДС им рекле дека уставните измени, цитирам: „се најлошото нешто што може оваа Влада да го направи“. Дали еден пратеник од ДУИ побарал пари за да гласа? Груби не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, Груби треба да си поработи во својот двор“, рече Митева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот