ВМРО-ДПМНЕ: Не може курир да биде виновен за тоа што бандитската власт на Заев владее со судството

Фото: Профимедиа

За нефункционалноста на системот власта секогаш бара изговори и виновници во други, а не во самите нив, а тоа го покажува и последниот случај со 1.500 налози пронајдени во фиока, реагираше денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Не може курир да биде виновен за тоа што бандитската власт на Заев владее со судството, бидејќи администрацијата, куририте и портирите се само извршители, а вина да нема врвот на раководителите во една институција. Јасно се знае кој каква улога има во хиерархијата на судовите и обвинителствата и кој има одговорност доколку предметите застаруваат. Постои случај за физички напад на службено лице со тешки телесни повреди сторен во февруари 2018 година, а првото рочиште за таков случај да биде закажано на 25.01.2021 година, после три години. Тоа е недозволиво и за тоа не може вина да се бара кај портирот или курирот во институцијата. На крајот на краиштата задоцнетата правда е исто што и немањето на правда или стимулирање на насилниците и криминалците против општеството и чесните граѓани заради ситни интереси или платени судии и обвинители“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ со соопштение.

Оттаму додаваат дека се потребни силни подзаконски акти, правилници и роковници со кои ќе се обезбеди ред и прецизни патеки по кои ќе се постапува според тежината на делото со строги и прецизни рокови и санкции ако истите се пробиени или злоупотребени од судиите или обвинителите.

Раководителката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска утрово обелодени дека во фиоката на курир кој починал, биле откриени преку 1.500 платни налози за прекршоци и за мандатни казни, со што државниот Буџет е оштетен за 20 милиони денари.

– Јас сум за прочистување на судството и на обвинителството, но да се откријат причините зошто застаруваат предмети, зошто имаме постапки по 15 години, кои се причините за тоа. Но, кога зборуваме за обвинителството и судството нам ни треба пошироко прочистување, да се види администрацијата како работи. Пред некој ден од Судскиот совет добив известување дека починал некој курир и кај него во фиока се откриени преку 1.500 платни налози, за прекршоци, за мандатни казни… и со тоа за 20 милиони денари е оштетен буџетот. И тоа зборувам за еден вработен само, кој знае колку има други вакви случаи. Затоа сметам дека треба да има дополнување на одредени закони, на Законот за кривична постапка, на Кривичен законик , Законот за управните судови, мора некои работи да претрпат измени за да бидеме поефикасни, без разлика за кој суд станува збор – рече Русковска во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Во емисијата гостуваше и министерот за правда Бојан Маричиќ кој рече дека според планот на Владата за реформи во судството важно е да се испитаат сите реалции на еден судија и на еден обвинител. Тој се согласи дека треба да се види и улогата на администрацијата и на стручните служби.

– Коруптивното однесување е најчесто организирано, па затоа има вмешани и вработени од администрацијата. Најверојатно за одредена мала парична награда, службеник не вршел достава на платни налози, но не верувам дека службеникот може сам да го прави ова. Обично тоа е заеднички потфат и затоа мора да се реформираме – истакна Маричиќ.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот