ВМРО-ДПМНЕ не ја разрешува „федеративната“ професорка

Не запираат реакциите и повиците за разрешување на професорката Иванка Василевска од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, откако таа во интервју за српски медиум предложи спојување на Македонија со Србија, а реакцијата на партијата изостанува.

Поранешниот член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров вчера го повика лидерот Христијан Мицкоски да ја разреши професорката Василевска и да поведе дисциплинска постапка за нејзино исклучување од партијата бидејќи сериозно го нарушила угледот и реномето на ВМРО-ДПМНЕ, како дома така и во странство.

– Ако раководство на партијата не поведе постапка за Василевска, сега и веднаш, ќе остави простор ВМРО-ДПМНЕ да се смета за партија која поддржува неутралност (старата политика на неврзаните) и дека е против НАТО – изјави Тодоров за Дојче Веле.

Тој рече дека Василевска делува и работи спротивно на стратегиските цели и интереси и на партијата и на државата, а со интервјуто сериозно го нарушила угледот и реномето на ВМРО-ДПМНЕ, како дома така и во странство. Според него, со воодушевеноста од неутралноста на Вучиќ таа пратила порака дека е добро што Србија нема да стане членка на НАТО, што пак не смее да биде став ниту определба на член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа е во целосна спротивност со програмата.

Во писмен одговор до „Слободен печат“ ВМРО-ДПМНЕ вели дека „ставовите на членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска изнесени во петокот на српскиот веб-портал Стање свести не се ставови на партијата ВМРО-ДПМНЕ“.

Според партискиот портпарол Димче Арсовски, проф. Василевска веќе го демантирала напишаното со свое ново излагање.

– Сè што е изнесено во тој онлајн медиум, а кое и професорката го демантираше, не се поистоветува како став на ВМРО-ДПМНЕ – вели тој.

Василевска во интервјуто зборува дека упадот во Собранието на 27 април е „холивудско сценарио, а не обид за убиство“, односно ако толпата сакала да го убие Зоран Заев навистина и ќе го убиела, зборува дека ако Македонија биде е принудена на федерализација треба да се припои со Србија што би било активирање на вториот дел од референдумското прашање од 1991 година, за Македонската православна црква зборува како за пропаднат проект, а на српскиот претседател Александар Вучиќ му се восхитува поради неутралноста итн.

По бурните реакции во јавноста, Василевска информираше дека не дала интервју за српскиот портал, туку воделе слободен академски разговор за ситуацијата во Македонија, а објавеното е извадено од контекст. Таа нагласи дека испратила демант и барање за извинување до медиумот, меѓу другото и затоа што неавторизираното интервју предизвикало лавина од лажни вести и обвинувања и е уверена оти граѓаните се запознаени со нејзините ставови и нема да потпаднат под манипулациите и злоупотребите.

Од владејачката партија СДСМ во ставовите на Василевска препознаа „обнова на режимот на Груевски“ и го обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека работи на поделби во државата.

„Додека СДСМ и сите прогресивни партии работат на интеграција во ЕУ и НАТО, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат припојување со други држави.Додека државата се гради како едно општество на сите граѓани, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште ги плашат граѓаните со наводни федерализации, кантонизации и распад на државата. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи против граѓаните, против државата, против Македонската православна црква и против концептот едно општество за сите. Ништо не е сменето под водство на Христијан Мицкоски. Високи функционери, членови на ИК, меѓу нив и Иванка Василевска, се уште го бранат и оправдуваат насилството од 27 април во Собранието кога беше извршен обид за убиство на пратеници и беше загрозен уставниот поредок. Тоа е обновата на режимот, обновата на поделбите, изолацијата која ја нудат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, пишува во реакцијата на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот