ВМРО-ДПМНЕ ќе ѝ стави вето на Македонија!?

мерсел биљали
Мерсел Биљали, аналитичар, Фото: Архива

Со вакво водство на ВМРО, не само што над Македонија нема да се раѓа ново сонце, туку трајно ќе имаме црни облаци, пороен дожд, град и поплави. Можно e да исчезне и ова сонце што го имаме!

Војната помеѓу Русија и Украина влегува во критична фаза. Западните земји сега се спремни таму да испратат најсофистицирано оружје. Германија веќе донесе одлука за испраќање најмодерни тенкови „леопард-2“ на Украинците, кои заедно со мобилните хаубици и оклопни возила „гепард“ и „мардер“, ќе бидат спремни за мајската контраофанзива. Исто така, Американците освен тенкови „М1 Абрамс“ и многубројни противвоздушни системи, сега размислуваат да испратат и модерни авиони „Ф-16“! Разврската се очекува да се случи во текот на оваа година.
Паралелно, западните земји силно се спротивставуваат и на хибридната војна што Русија со години ја води во одделни региони во светот, вклучително и на Западен Балкан. Добриот познавач на геополитиката Ерик Ратфелдер предупредува дека во моментот Западниот Балкан се наоѓа на ептен тенок мраз поради хибридни напади од Москва, од кои некои земји тешко може да настрадаат.
Тука, мала Македонија со големите проблеми (дел од нив самата ги продуцира), е во најголема опасност споредена со соседите. Дури и Црна Гора, која има големо српско население, изгледа поимуна од нас, оти и во турбулентни состојби таа не отстапува од евроатлантската агенда. А тука едни академици веќе нашле алтернатива! Таквите лоши игри многу скапо може да ја чинат државата.
Едни наши политичари сè повеќе, свесно или несвесно, потпаѓаат под влијание на една вешта руска местенка (поддржана од одделни проруски елементи тука и во Бугарија), која има за цел да ја дестабилизира државата. Тие политичари познати по бојкотирањето ум и разум, сè уште му кумуваат на лошото, за потоа самите да заглават во опасна мрежа сплетена од невидливи центри, кои не сакаат Македонија да ја гледаат како држава.
Режимот на Путин подолг период е фокусиран кон прелевање на војната тука, првин како хибридна, а потоа како вистинска, со цел дефокусирање! И тука секој што покажува слики во воени униформи или чизми од минатото, не само што докажува дека не знае ништо друго, туку со тоа директно ја помага Москва во нејзините пеколни намери за регионот. Ние како што изгледа навикнати сме со болеста и не сакаме да оздравиме.
За опасноста од дестабилизирање на регионот зборуваат и многубројни светски безбедносни аналитички центри. Во својата анализа објавена во „Форин афеарс“, Тимоти Лис јасно предупредува на сериозна опасност по мирот во Балканот. Тој заклучува дека можната дестабилизација на регионот само НАТО може да ја спречи. Тука се и многу други предупредувања, какви што се анализите од светскиот лидер по геополитиката „Стратфор“, кој наведува дека мирот во балканскиот регион е пред војнички отстрел.

Вучиќ сепак е лидер!

Тоа сите го гледаат, освен тие што садат тикви со ѓаволот. А ѓаволот никогаш не доаѓа со страшно лице, остри заби и со огнена стрела, туку со сè што душа ни посакува. За жал, кај нас, многу луѓе, дури и од академската фела настојуваат да нè убедат дека токму најопасниот отров е најдобриот лек.
Тивкиот бојкот на Собранието е муниција за една таква хибридна војна, а попречувањето на уставните измени се артилерија во рацете на тие што ја водат таквата опасно војна. Тука не помага криењето зад реториката – „и ние сме за НАТО и ЕУ, ама без уцени и губење на идентитетот“! Никој нема да ја оправда логиката дека нема да ја премине реката само поради тоа што мостот не му се допаѓа! Уште помалку, ако гледаат дека ние цело време сакаме мостот да го урнеме! А секој знае дека мостовите служат за поминување, а не за уривање. Но, кај нас сè е можно, ако ве поддржуваат медиуми кои оправдано заслужуваат награда по име „Гебелс“!
Дефинитивно најмоќната сила на светот ги легна на брашно Вучиќ и Курти. Со тоа се урива главниот штаб на овдешната хибридна војна. Наредниве недели или месеци ќе следува потпишување на договорот. Вучиќ веројатно се обидел да купува време за да види како ќе се одвиваат работите во Украина, но кога видел дека на повидок е катастрофа за една поранешна империја, тој ја свртел плочата. А Курти, како опозиционер, фрлаше чадни бомби во Собранието на Косово против тогашната власт, која како компромис сакаше да ја прифати „Заедницата на српските општини“, а сега како добро момче ќе си седне убаво да си ја заврши домашната задача! Таа работа ја турка токму таа невидлива сила што целото косовско раководство ја прати во Хаг, оти со коруптивни дејства ја хранеше опасната дестабилизација на регионот.
А кај нас од Месечината се гледа кој ја храни руската намера за дестабилизиција на Балканот. Тие не може да разберат дека неодамнешната анкета на ИРИ првенствено е наменета за вмровското водство. Ако сè уште не го разбрале тоа, подобро е да се поздрават со политиката, оти одамна се веќе поздравени со логиката. Нивниот ум сè уште не сака да се реxабилитира од тоа што со години на ѓаволот му граделе куќа. Никој веќе не може да предвиди што ќе се случи ако некој се осуди да ги попречи уставните измени! Што е најчудно, токму промените во Уставот се во полза на државата, пред сè. Првин, со тоа се признава постоење два различни народа. Второ, тие се наши граѓани што не смееме да ги дискриминираме поради лошите меѓудржавни односи.

Рубља-патриоти

Пред неколку години Бугарија направи голема грешка и сега, еве две години, е без влада и над три милијарди евра европски пари има загубено поради глупостите што ги направи во однос на Македонија! Сега нека му ја мисли тој што сака да блокира уставни измени, со помисла дека тоа ќе го прави штом ќе дојде на власт! Тој филм нема да го види, оти веројатно, ако во текот на летото не се смени Уставот, ќе следат други комбинации, така што ВМРО-ДПМНЕ пак ќе остане на суво. А допрва претстои разврска за многу работи што лично ќе ги засегаат лидерите на одделни политички партии. А потоа ќе биде доцна кога некој ќе му намигнува некому со престој во Будимпешта.
ВМРО-ДПМНЕ хистерично предупредува за наредно бугарско вето! А тоа веќе го нема оти самата ВМРО-ДПМНЕ ќе ѝ стави вето на Македонија со нејзините постапки. Најмногу што се противат на уставните измени се токму најголемите бугарски националисти и руските служби. Секој од свои причини. Тоа што тие би го сонувале, ВМРО-ДПМНЕ би го исполнила.
Аргументот дека Бугарите пак ќе ни ставаат вето е рамно на тотално незнаење. Сега воопшто нема да има гласање ако не ја завршиме задачата. Така што, самата ВМРО си става вето на државата. А кога би се одвивало се нормално, веројатно Бугарите нема да постават друго вето, оти некој ги има фатено за опашката. Оваа партија мора да расчисти со тоа – дали е за ЕУ или за рускиот свет! Многу „рубља-патриоти“ го знаат одговорот и затоа сме тука каде што сме!
Не верувам дека долго време целиот нормален свет ќе се растрча за да нè одврати од намерата да ја запалиме сопствената куќа! Никој не може трајно некого со фаталистички чип во главата да го спречи да скокне во празен базен! Ама последиците ќе бидат од лична природа.
Со вакво водство на ВМРО-ДПМНЕ не само што над Македонија нема да се раѓа ново сонце, туку трајно ќе имаме црни облаци, пороен дожд, град и поплави. Можно e да исчезна и ова сонце што го имаме. И мајката, ако силно ја прегрнуваме, можеме да ја задавиме!

Авторот е аналитичар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот