ВМРО-ДПМНЕ ќе формира правен тим за тужба за злоупотреби во СЈО

Фото: МИА

ИК на ВМРО-ДПМНЕ вчера ја одржа своја редовна седница на која ја разгледа актуелната политичка состојба во државата и хаосот кој се случува на секое поле, економски, општествено, образовно и здравствено, а што е последица на мафијашкиот начин на работа на власта, која наместо за народот работи за врвот на мафијата, рече денеска Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Донесена е одлука од страна на ИК, со која се задолжува Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ да состави правен тим кој ќе подготви кривични пријави и тужба за злоупотребите кои се направени од страна на СЈО, а кои ги потврди и нотира Државниот завод за ревизија, за проневера тешка 4,6 милиони евра, пари кои биле исплаќани за високи хонорари, незаконски бонуси и плаќања надвор од делот за редовни плати, без законска основа. Тоа се 4,6 милиони евра злоупотребени пари од страна на обвинителска институција која што требаше да гони криминал. Ова е преседан во светски рамки. Тоа се пари кои наместо во нови болници и училишта, завршиле во нечии џебови, и за тоа мора да има одговорност– рече Андоновски.

Воедно, истакна тој, ИК на партијата ја потврди одлуката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ставот дека нема да се поддржат одлуките на Стево Пендаровски за вонредната состојба, затоа што таа беше злоупотребена за работи кои не се поврзани со потребите за борбата против Ковид 19.

-Во ек на најголема пандемија, кога владата требаше да ја користи вонредната состојба за помош на граѓаните, Заев и СДСМ штанцаа лиценци за марихуана на ним блиски фирми. Додека народот немаше маски, дезинфициенси и ковид тестови, СДСМ распишуваше тендери за набавка на шкампи и школки. И на крај ја продолжија уште еднаш вонредната состојба за во тој период да дадат половина милион евра на невладини организации, притоа кршејќи го и Изборниот законик. Додека народот немаше за леб, тие трпаа во џеб. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат одлуките на Стево Пендаровски за вонредната состојба во Собранието. ИК на ВМРО-ДПМНЕ заклучи и дека СДСМ од ден во ден се повеќе ја тоне државата, а од тоа страдаат граѓаните. Мафијата, криминалот и владата во Македонија се едно исто и тие мора да паднат- рече Андоновски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот