ВМРО-ДПМНЕ го организирала „крвавиот четврток“, четворица функционери ги чека робија

Од СДСМ сметаат дека обвинението за организаторите на насилните настани во Собранието е потврда дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад овој настан, а опозицијата во обвинението гледа политички прогон што го вршат институциите по нарачка на СДСМ.

Одобреното обвинение против ексфункционерите на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасов за организирање на насилството во Собранието на 27 април 2017 година, според СДСМ значи потврда дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад „крвавиот четврток“ – упадот во законодавниот дом. Опозициската партија смета дека станува збор за политички конструиран случај, а според поранешниот спикер Вељаноски, тоа е „политичко обвинение за политички цели“.

Основниот кривичен суд завчера целосно го прифати обвинението на Јавното обвинителство (ЈО) за гонење организиран криминал и корупција за организацијата на настаните во Собранието, според кое осомничените го подготвиле и го реализирале планот за насилно влегување за да спречат мирно примопредавање на власта по парламентарните избори во декември 2016 година. Тие се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и сега се чека предметот да биде распореден кај судија според системот АКМИС и да почне судењето. За организирање на „крвавиот четврток“, требаше да бидат обвинети и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но тие се во бегство и постапката протов нив ќе се спроведе откако ќе им бидат достапни на македонските органи.

СДСМ вели дека обвинението е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ е организатор на насилствата. Оттаму додаваат дека „со продолжување на политиките на Груевски, Мицкоски покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ сè уште е присутна насилничката режимска матрица и дека освен насилство, освен одбрана на криминалот, ВМРО-ДПМНЕ не нуди ништо друго и затоа граѓаните на 12 април ќе порачаат: режим никогаш повеќе!“

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со ова обвинение се врши политички прогон против нив.

– СДСМ и Заев свесни дека ќе доживеат пораз, повторно ги ставија во функција институциите да вршат политички прогон за нив. Нашиот став е непроменет – станува збор за политички конструиран случај, кој има за цел да оцрни одредени структури од опозицијата и да нанесе политичка штета – вели портпаролот Димче Арсовски за „Слободен печат“.

Трајко Вељаноски е првиот претседател на Собрание во независна Македонија на кој ќе му се суди и тоа за тешко дело, загрозување на уставниот поредок на земјата, за кое според Кривичниот законик се предвидени најмалку 10 години затвор. Додека траеше истрагата за овој случај, тој на распитот во Обвинителството се бранеше со молчење, а барањето на Обвинителството да му биде одреден притвор заедно со другите тројца осомничени пропадна затоа што актуелниот спикер Талат Џафери остави да истече рокот за гласањето на седницата за одземање на имунитетот и Вељаноски остана на слобода. Поранешните министри Јанакиески и Ристовски и разузнавачот Атанасовски беа притворени во текот на истрагата, а сега се во домашен притвор.

Ова ќе биде второ судење за насилниот упад во Собранието. Пролетва заврши судењето за извршителите на упадот, каде што првично беа обвинети 33 лица, а по законот за амнестија 15 лица беа помилувани, меѓу кои и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, вработените во кабинетот на Вељаноски, Елена Божиновска и Иван Цветановски и други. На ова судење највисоката затворска казна ја доби Митко Чавков, 18 години затвор, а осуден беше и шефот на обезбедувањето на Вељаноски, Горан Ѓошевски-Леви. Вељаноски тогаш беше повикан како сведок и сведочеше дека ниту помислил ниту некому кажал да ги отвори вратите на Собранието за да влезе разбеснетата толпа народ, затоа што бил претседател девет и пол години и знае што значи институцијата Собрание.

Обвинителство: Цела ВМРО-ДПМНЕ вклучена во организацијата

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција обвинението за организаторите го поднесе лани во мај. Во него пишува дека „обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“, што кулминираа со насилното влегување во Собранието. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.

Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ двајца од обвинетите континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети. Во исто време еден од осомничените за кого постапката е прекината поради недостапност (Никола Бошкоски), со возило во сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг-собата во Собранието да ги извадат хард-дисковите од собраниските камери“, наведоа од Обвинителството кога го поднесоа обвинителниот акт.

СДСМ: Потврда дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад упадот

„За да ја спречи промената на власта и за да ги заштити криминалците во своите редови, ВМРО-ДПМНЕ организираше упад со кој беше нападнат уставниот поредок, но беше извршен обид за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието. 27 април е вистинското лице на режимот, вистинското лице на насилничката криминална матрица на ВМРО-ДПМНЕ, што продолжува и во лицето и делото на Христијан Мицковски. Не само што не се огради од насилниците, туку тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ до ден-денес ги поддржуваат. 27 април е најцрниот датум во историјата на нашата демократија и одговорност за тој случај мора да има. Низ отворена, законска судска постапка мора да бидат санкционирани сите што го организирале, нарачале и спровеле насилството“, се вели во соопштението на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот