Вмро-дпмне е прибор за јадење на Македонија!

Потопен во када со неправда, Македонецот истиснува толку течност колку што тежи.
Ни помалку ни повеќе од Американецот, Арапот или Нубиецот. Но, со својата потисна моќ, не ја ослободува бањата од злото, туку прави поплава во домот!

Злобниците велат: Не е Македонецот за када, за под туш е! Хахаха, ова е малку строгичко, но знам дека е така, верувајте. Впрочем, можете да дојдете на АВНОЈ 32-1/8 и да се уверите дека Тричковски нема кај да легне да се кваси. Ниту во млеко, ниту во пиво, ниту во пари.

Можеме тоа да го формулираме и вака: секој македонски граѓанин произведува поголемо количество неправда отколку што може да искритикува, висејќи по цел дена на Фејсбук! Но, помало отколку што може исконсумира. Без остаток. Добро, не секој, и не во буквална смисла, но и со тие огради, јасна е сликата што со оваа хипербола сакам да ја доловиме. Како културолошка, медиумска, па и политичка платформа, Фејсбукот му е на Македонецот дом за бесење! На себе, не на власта. Или на комшијата.
Нашата историска плиткост, структуралната неконсолидираност, нашата (не)култура и психолошко-социјален профил, дејствуваат разорно врз идејата за модерноста преку три феномена: инцестуозноста на малата средина која по дефиниција се труди да им избега на строгостите на државата и на правдата, односно ги разорува во деформитетите што ги раѓа, второ, преку тајниот, преќутен општествен договор на општеството дека транзицијата треба да се разбере како крај на мачното создавање на Македонија преку свесното потчинување на проектот за иднината и почеток на неограничената консумација на Македонија преку проектот „сега му е мајката“ и, трето, преку најсмртоносниот квазинационализам против нацијата, нормалноста и модерноста, против човекот, вмронскиот, кретенски, антимакедонски национализам за идиоти, будали и скотови.

Народот така барал

Вмро-дпмне е прибор за јадење на Македонија. Јавноста се однесува како внатрешна дијаспора на Македонија. Женската е во перманентна морална возбуда. Ја рајцаат криминалот, неморалот и неправдата. Како нешто со што ја врзуваат само штетните последици што ги трпи. Инаку, ја нема надвор од позата на жртва. Но, таа е сè, само не невина. Да го земеме, да речеме, примерот со застареното дело на стоката од Будимпешта. Нели ви се чини дека во намерата да ја истиснеме неправдата, во бањата, односно во јавниот простор, излеваме ментален ландан, чудовишна форма на задоволство во маката и од маката, чист мазохизам, бескрајно, пасивно просерување и плачипичење, нова доза од дрогата што си ја вбризгавме по бриселската травма, која, пак, се беше надоврзала на рекетарската сага со Боки и Катица, таа на епот за името, а еве, веќе доаѓа нова тура со Уставниот суд, и така до крајот на времето.
Јас, на пример, во тоа бомбардирање на македонскиот атом со неутроните на моралната паника, во тоа обликување на обеспаметениот човек, гледам систем кој не ја деструира власта, како што на народот му се чини на прв поглед, туку општеството, односно тој се деструира себе си, а власта, односно поширокиот естаблишмент, го засилува и го прави практично недопирлив. Па, нели ние му овозможивме на скотот да краде и злодели и единаесет години го биравме и го славевме како месија. Таа чистокрвна јајара, што би рекле Србите. Па, нели и откако се обзнанија сите негови срања, народот отиде на гласачките кутии и најмногу гласови му даде на својот атентатор, односно на неговата злосторничка инсталација што и денеска се вика вмро-дпмне. Нели никој „а“ не кажа на блокадите на Законот за јавното обвинителство и на другите правосудни блокади, одложувања, заебанции, спрдачини кои доведоа до застарувањето, туку цело време се инсистираше Заев да го уапси и него и сите негови.

Народот да гласа за него и за нив, а Заев да го апси него и сите негови. Без законско покритие. Народот така барал.

Но, можеби сè не е само самоизмачувачко умирање, можеби е ова низ што проаѓаме, тешка, дури драматична фаза на некоја нормалност што бавно и болно се раѓа. Но, за да се роди потребно е да се опуштиме. И да се напнеме, истовремено, тоа секоја бабица ќе ви го каже. Не можеме само да лежиме на боксот и да јадеме говна.

Еве го продолжението на оваа приказна. Да не беше иницијативата за ограничување на уставното право на протести, Македонците ќе му ебеа мајката на Уставниот суд. Ќе умрам! За Кривичниот да не зборуваме. Тие сервисни станици на криминалот ќе беа запалени, прво како макети и зомби кукли, а потоа и како реални објекти и субјекти.

Ако гневниот народ немаше да биде задоволен од окерот на гаќите на усраните судии.
Обаче – ништо!

Мора да ги заеба предлогот на владата. Односно расправата по предлогот кој беше повлечен, но во меѓувреме успеа да ја ангажира комплетната протестирачка енергија на загриженото граѓанство. Хахаха, многу сакам да знам чија беше иницијативата да се ограничи неотуѓивото и продуктивно, уставно право на нашиот човек да протестира, внимавајќи да не удри по некој важен и релевантен проблем. За платите на охисовци од пред триста години.

Ултимативна граѓанска акција

Еве, Уставниот суд, да речеме, се обидува да роди уште една инкарнација на злото. Тоа е кривично дело во обид. Врвна гротеска. Заслужува ултимативна граѓанска акција, со која ќе се растури нивната злосторничка мисија и резолутно ќе им се каже дека граѓаните нема да им дозволат да ги уживаат плодовите на својот секс со криминалот. И како задолжени за одбрана на Уставот и како приватни личности. Односно дека на местото на тие работи во своите оброци ќе можат да ги консумураат плодовите на гневот на луѓето. Но, ништо!

Нема иницијатива до надлежното обвинителство да спроведе истрага околу мотивите и интересите што го тераат Уставниот суд да излегува од своите надлежности и да се претвора во сервисна трибина на највисокиот криминал. Со иницијативата за намалување на казната за злоупотреби на буџетите, односно за своевидна амнестија на злосторниците против кои веќе се водат постапки. Како што немаше и за Врховниот суд и за врховната Превара. Но, имаше успешни иницијативи да се блокира несреќниот предлог за измени на законот со кој беше направен очигледно неуспешен обид таа материја да се регулира. Да имаше и иницијатива да се дознае кој е авторот на предложените измени. Што е океј. Но, само како парада на пијанството и кичот, ако протести за битни работи, всушност, нема, не затоа што ги брани законот, туку затоа што ги оневозможуваат граѓанската комоција, сеирџиството и некултурата.
Истата работа се однесува и на темата за застареноста на делото на Груевски во предметот „Траекторија“. Ако е оваа власт полоша од режимот, тогаш ние сме помртви од сите мртви, како тоа не е јасно, јас не знам.

За Македонија би било полошо кога оваа констатација би била точна. Но, не, јас мислам дека полоши од режимот се само неговите жртви. Како е можна така драстична разлика на видувањата на Европа за Македонија и на видувањата на Македонците за Македонија.

Затоа, драги мои, ви предлагам неколку работи за бистрење на погледот и на умот. Комунизмот го заменивме со деформација на капитализмот што се вика клиентелизам и корпоративизам. Прашањето на правдата во тој систем е далеку од идеализациите и морализаторствата што ги ширите меѓу себе, убедувајќи се дека тоа е смрт за Македонија. Не е. Само ќе треба да сфатиме дека борбата за упристојување и оправдување ќе биде долга и тешка и дека од нас ќе бара трпение, издржливост, посветеност и подготвеност да истрпуваме некои непријатни работи. Не да молчиме.
Да се бориме, но да не ве лажат дека треба и да загинете. Оставете ги нив нека гинат.

Отфрлете ги сите идеи и барања за тојаги и револуции, за глави што ќе се валкаат по улиците, за експресни апсења и слично затоа што и вашата глава ќе заврши врз нечија кондура. Исклучете се од сите телевизии во Северна Македонија. Тоа се опасни радиоактивни централи од кои на човекот му се сушат мозокот и вагината и курот не му се дига. Погледајте ги само најавите. Колку да чуете кога некоја нова партија ќе го затвори Груевски и сите негови политбироа, сосе овој, на Мицкоски Христијан.
Внимателно висете на социјалните мрежи. Понекогаш низ нив тече струја. Откажете се од идеите дека на изборите некого ќе казнувате. На изборите гласате не за една или друга партија, туку за тоа што ќе правиме, кај ќе одиме, со што ќе одиме и како да стигнеме таму кај што сме тргнале, не со Илон Маск, туку со магарињата што ги имаме.

Не правете идеални, туку реални проекции. Не подлегнување на хистериите затоа што тие се мрежи во кои стоката ве фаќа како пеперутки или како кленови.

Македонија е убаво место, значително попристојно од нас. Македонија е над заслугите на Македонците. Власта не е најдобра, прашање е дали е воопшто добра, но таа за Македонија прави повеќе отколку што можете да забележите низ филтерот што ви го тураат чипираните идиоти и нивните домобрански агенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот