Власта верува во компромис со ВМРО-ДПМНЕ за СЈО, но немаат закажано преговори

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Премиерот Зоран Заев е оптимист дека може да се стигне навреме да се постигне договор со опозицијата за законот за Специјалното јавно обвинителство.

– Јас верувам дека ќе успее тоа и Парламентот да го верификува. Извештајот на Европската Комисија ќе биде позитивен, но не треба да оставиме било каква трага. Ќе се одлучува од Европскиот Совет, од националните парламенти и не треба да дозволиме да има некаква дамка или причина за да ни најдат замерка – изјави премиерот.

Според него, процесот се движи успешно и двете страни ќе успеат да го објават постигнатиот договор.

– Преговараме со ВМРО-ДПМНЕ, се сретнавме со независната пратеничка група на ВМРО, разговаравме со Алијансата за Албанците, со Беса и продолжуваме – објасни премиерот.

На новинарско прашање, за условувањето на опозицијата во албанскиот политички блок со ослободување на осудениот за настаните од 27 април, Абдулфета Алими, за да гласаат за новиот Закон за Специјалното обвинителство, Заев изјави дека никој не условувал никого.

– Работата на судството не е под Владата, тие можеби сакаат преку тоа да испратат порака. Јас верувам во правдата – објасни премиерот.

Министерката за правда, Рената Дескоска, потврди дека комуникација помеѓу политичките партии постои, но немаше конкретен датум за тоа кога повторно опозицијата и власта ќе се сретнат на преговарачка маса за СЈО.

– Се надевам дека ќе проработи свеста на политичките партии. Се надевам дека ќе се изнајде решение согласно принципите кои ни се зададени од Европските конвенции. Можни се решенија во кои судиите ќе решаваат за некои случаи, дали бомбите можат да се користат во постапките или не, согласно Законот за кривична постапка – објасни министерката.

Според неа, постојат судски случаи во кои се користеле снимени материјали како докази и тоа се преседани кои можат да се користат и во судските случаи на СЈО.

За крај, Дескоска изјави дека очекува брз договор со опозицијата за законот, а за тоа како ќе е тоа можно, таа само изјави дека во Македонија многу работи се решавале во последен момент, па тоа ѝ дава надеж.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот