Власта вели се е подготвено за пописот

Попис 2021 / фото: МИА

Се е подготвено за спроведување на пописот. Државата има капацитет и ќе ја реализира оваа исклучително важна статистичка операција. Обезбедени се комплетните мерки, екипирани се и попишувачите.

Ова е ставот на Владата, наспроти предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пописот да биде електронски поради актуелната епидемиолошка ситуација.

Премиерот Зоран Заев вчера уште еднаш апелира на сериозност. Потсети дека 20 години во земјава не е направен попис. Попис мора и ќе има, порача Заев. Веднаш следуваше реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ја обвини Владата за аматеризам во однос на тоа како ја води целата операција околу пописот. Воедно апелира Заев и Државниот завод за статистика (ДЗС) да се договорат дали има доволно попишувачи.

-Првата седница на Парлемантот е на 14 септември, а пописот почнува на 5-ти. Апелирам да бидеме сериозни. Дваесет години немаме попис. Попис има, мора и ќе има. По 20 години што сме? Држава, нација? Мора да има попис. Се е подготвено и драго ми е што нашата земја конечно покажува капацитет да спроведе ваква статистичка операција која значи фер, рамноправност, еднаквост во распределбата на економските ресурси, во правото на развојот и во квалитетот на живот за граѓаните. Многу е важно да се спроведе пописот, рече Заев.

Премиерот напомена и дека пописот е олеснет со електронската база на податоци од кои голем дел ќе бидат само проверени.

-Зоран Заев, Владата што ја води и ДЗС нека се договорат има или нема доволно попишувачи, а потоа да не го загрозуваат здравјето на граѓаните и да прифатат електронски попис. Во само 24 часа имаме два различни става, првин ДЗС и Владата велат дека немало доволно попишувачи, а потоа Заев излегува и вели дека има. Аматеризмот со кој владата ја води целата операција околу пописот покажува дека целосно несериозно ја водат државата и дури и оваа најзначајна статистичка операција како што е пописот се спремни да ја компромитираат, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

Извор: МИА

Видео на денот